June 21, 2010

Најава: Civilization V

Сите сме играле Civilization во некој период од животот, така? Мојата прва и единствена задоволителна средба со CIV беше второто продолжение на ПлејСтејшн, пред некои десетина години. Втората мемориска картица ја купив баш поради CIV II, зошто бараше девет-десет слота од петнаесет... Потоа дојде CIV III за PC. Никогаш не успеав да ја засакам, се имав навикнато на едноставност и 2D графика и тројкава некако не ми легна. Премногу беше нашминкана, a не ми понуди ни пола од CIV II. Неколку пати ја инсталирав, пробував и џабе. Двојката ми остана како една од најиграните игри на стариот ПлејСтејшн и една од омилените воопшто.

Поучен од горчливата CIV III, на следното продолжение не му дадов шанса, а и неприметно ме пројде, заедно со неколку експанзии. Деновиве гледав што-како имало на овогодинешниот E3 и налетав на трејлерот за новава и сум позитивно изненаден, со голема желба за играње. Или па, прошло доволно долго време, па се намалил интензитетот на CIV II носталгијата.

Од тоа што читав, начинот на играње е малку изменет, има нови единици, цивилизации, начини за победа, па дури и коцкастите полиња се заменети со хексагонални, кои изгледаат ептен океј. Исто така, ново е тоа што секој од лидерите на нациите, ќе го зборува својот мајчин јазик (едвај чекам да играм со Рамзес!). Графиката е феноменална, затоа нема да ја коментирам понатаму. Видеото од E3 може да се погледне на овој линк. Покрај снимки од гејмплејот, има и интервјуа со тимот кој е одговорен за играта.

Повеќе за Civilization V на официјалниот сајт. Играта излегува на 21-ви септември 2010. До тогаш, ќе и дадам шанса на четворката.

June 18, 2010

Догодина

Штета. Се надевав дека ќе се повтори 2008 до крај. Не ми се верува како Селтикс успеаа да заебат работа на крај и да дозволат пораз. По последната средба, кога Лејкерс израмнија 3-3 мислев дека готово е, тогаш играа невообичаено лошо, плус им се погодува седмата во Лос Анџелес. Вечерва имаа феноменален почеток, покажаа жестока игра и надеж за титула - и заебаа, на крај... Лејкерс играа млитаво до последна четвртина, искрено не очекував ваков пресврт, а веројатно и екипата на Бостон, чим не успеаа да го одбијат ударот. Артест партали, ќе признаам, без него ќе го јадеа ко пред две години. 39 разлика. Требаше да тепаат со најмалку 10 разлика сега, да биде пропер реванш. :)

Одлично финале како и да е, но неспоредливо со она од 2008. Дефинитивно овие две екипи се најинтересни за гледање.

Догодина. Не за Селтикс, туку пораз за Лејкерс. Коби МВП, ња.

June 6, 2010

Преглед на Torchlight

Факт е дека со појавата на MMORPG игрите изминативе години, старите добри RPG игри некако се редуцираа, па дури и играчите изгубија интерес за нив. Од друга страна па, после Diablo II, Baldur's Gate и Neverwinter Nights, не се ни појави нешто којзнае колку интересно. Последно нешто што играв беше Dungeon Siege II, океј игра, но не успеа да ме задржи. Интересна приказна, фина графика, меѓутоа имаше некои недостатоци во моделите и гејмплејот што сериозно ми влијаеа на уживањето, а покрај тоа беше без никаков баланс.

Torchlight од друга страна, функционира совршено за мене, во време кога RPG игрите се со значително опадната популарност и се гушат од други, поактуелни жанрови. Сега, кога веќе поминав 70% од Torchlight (барем од делот со кој се завршува играта), можам да потврдам дека ова е најдобрата акциона RPG игра која се појавила во изминативе години и веројатно ќе го зборам ова додека не видам што ќе ми нуди Diablo III. Torchlight не нуди ништо ново, туку совршено го применува рецептот за успешна RPG игра, без обиди за оргиналност, инвентивност и елементи кои лошо би влијаеле на жанрот со намера да се постигне нешто револуционерно. Токму едноставноста ја прави Torchlight тоа што е.

Се работи за мошне симпатична игра, со прекрасна графика и едноставен гејмплеј, десен клик за движење на карактерот/напад и лев за магија. На располагање, има три карактери. Destroyer, специјалност му се melee напади, мечеви, секири, значи нешто како warrior класата што ја знаеме од вакви игри. Потоа следи Vanquisher, комбинација од rogue и hunter, користи стрели, стапици, пиштоли и слични ranged оружја. Третиот карактер, мојот избор, Alchemist, е стандарден mage, со интересни магии, повикување на додатни суштества и оружја кои се базираат на магија. На почеток, понудените три карактери ми изгледаа некако премалку, но постои можност секој карактер да се обликува според потребите на играчот. Нема никаква ограниченост во однос на оружјата кои може да се користат, па така да дури и како Alchemist, може да грабнете два меча во рака и да кршите се пред себе.

За секој карактер постои и милениче, кое постојано ве следи, напаѓа, брани, користи магии, се левелира и со помош на рибите кои ги ловите во играта, може да се трансформира во многу поопасно суштество. Во Torchlight има мал милион оружја, опрема, гемови како и можност за креирање на уникатни, сопствени. Оружјата или предметите од кои карактерот и нема некоја корист, може да се трансмутираат во корисни гемови кои служат за појачување на тие што ги користите.

Приказната не е ништо посебно, но сепак и интересна и се развива со напредокот на играта. Torchlight почнува во истоимениот рударски град, изграден над огромна мрежа тунели и пештери каде што се наоѓа рудата Ембер, околу која се врти и целата приказна. Емберот е највредното нешто за жителите на Торчлајт, се користи за многу работи и има неверојатна моќ, па по него трагаат и зли сили кои претставуваат закана за малото гратче. Задачата на играчот е да ги чисти нивота под градот од непријателите, завршувајќи разни квестови, додека се отплеткува мистеријата за ентитетите и цивилизациите кои живеат долу. Емберот е повеќе од вредна руда и мора да биде заштитен, за како не би паднал во погрешни раце. Движењето низ нивота под градот е овозможено преку портали и еден главен портал кој има неколку клучни локации.И останато е стандард. Се собира experience, со што се фаќаат левели, поени за појачување на карактеристики, нови магии и сл. што е во рамките на RPG игрите.

Недостатоците на играта се минимални, дури не се ни вредни да се спомнат, зошто и покрај тоа нуди одлична забава и навлекува по првите триесетина минути. Зоните низ кои прошетав, ме оставија со подотворена уста, иако на моменти знаат да се малку репетитивни. Најпозитивната страна што морам да ја спомнам е тоа што играта е пријателски расположена во однос на конфигурацијата, па вози на full и на мојата машина за пишување од компјутер. Која друга добра игра од 2009 ќе ми го овозможи ова? Demigod сигурно не. :)

Компанијата која стои зад Torchlight, Runic Games, е основана од поранешни вработени во Blizzard, кои работеле на Diablo и Diablo II, па јасно е што може да се очекува. Влијанието на Diablo е очигледно, а се забележува и влијание од WoW во однос на дизајнот на зоните, бидејќи голем дел од нив, како и суштествата изгледаат слично со она што сме го виделе таму. Претпоставувам дека е намерно, колку да се привлече публика (ете, мене ме купија и со ова), но во никој случај не е безобразно украдено. Се потрудиле да го завијат, колку само да потсетува, што е сосема во ред.

Играта нема мултиплеер, можеби е тоа минус, но верувам Runic Games биле свесни дека мултиплеерот, а и самата игра, ќе згасне по објавувањето на Diablo III. Сепак, најавен е MMORPG во универзумот на Torchlight, кој би требало да биде бесплатен, односно како апгрејд на веќепостоечката игра.