November 29, 2011

Rise of the Planet of the Apes (2011)

Како што спомнав претходно, првата реакција за овој рибут ми беше "Ah, damn you! God damn you all to hell!". Сведоци сме на една обемна листа на лоши рибути, римејци и продолженија на стари, култни филмови која упорно ја спомнувам кога треба да напишам за нешто што се нашло во тој куп. Во овој случај, за среќа, спуштените очекувања ми овозможија да уживам во овој, и не така лош филм. Покрај сите маани и дупки во приказната, како целина, Rise of the Planet of the Apes е едно забавно филмче кое верувам дека ќе позитивно ќе ги изненади фановите на оргиналот.

Филмот ја раскажува приказната за востанието на мајмуните против човештвото, односно она што ги донело луѓето во состојбата во која се наоѓаат во оргиналот. Освен ако си живеел во пештера изминативе четириесетина години, знаеш дека во далечната иднина земјата е превземена од интелегентни мајмуни кои луѓето ги третираат како животни. Подолу можно е да има спојлери.

Значи, Џејмс Франко е млад научник кој развива лек против Алцхајмер, како би го излечил сопствениот татко, Дик Соломон. За тестирањето на серумот, користи мајмуни кои почнуваат да покажуваат знаци на зголемена интелегенција и појачани когнитивни функции. Кога Џејмс Франко ќе се обиде да го презентира неговото достигнување пред луѓето кои го финансираат проектот, избувнува општ хаос во лабораторијата, по што проектот е затворен, а мајмуните се успиени. Освен еден, малиот Цезар кој во гените носи дел од серумот вбризган во неговата веќе мртва мајка. Џејмс Франко го зема Цезар дома и го чува во тајност како свое дете.

Мајмунчето како што расте, расте и неговата интелегенција и после неколку години преку знаци, знае и да комуницира. Покрај Цезар, Џејмс Франко продолжува да го тестира и лекот на татко му, кој ќе се покаже како успешен, па истражувањето е вратено во лабораторијата со нова група на мајмуни, и со многу посилен лек. Лекот иако е корисен за луѓето, по некое време има страшни нус појави кои пак организмот на мајмуните ги одбива.

По една несреќна околност, Цезар завршува во засолниште за мајмуни каде што добива одвратен третман. Затворен со месеци, ќе се почуствува предаден од Џејмс Франко, сфаќајки каде и со кого припаѓа. Цезар е до толку интелегентен што знае за дејството на серумот и како да го искористи за да ги направи другарите мајмуни паметни како него. Најјезивиот момент е токму моментот кога Цезар го изговара првиот збор и со тоа го започнува бунтот на неговиот вид против луѓето. Откако ќе ги ослободи мајмуните во стационарот, ги ослободува и тие од зоолошката, водејќи ги до локалната шума каде што Џејмс Франко ќе го носи како помал.

Пред некој да помисли како е можно мајмуните да го превземат светот без светските сили да успеат да ги спречат, сценаристите воведуваат и пандемични несакани дејства од лекот кои се фатални за луѓето и лесно се пренесуваат. На крај и краева, филм е, па ова или ќе го прифатиш или не. Убаво е склопено за да прави смисла во светот во кој се случува, ама доколку некој сака да го искористи како аргумент во муабет зошто е лош филмот, и тоа е океј. Мене ми беше супер, затоа што Rise of the Planet of the Apes има толку светли точки што некако ги гушат сите недостатоци. Мајмуните се сите CGI. Поголемиот дел од филмот е беспрекорно, освен кога претерувале, меѓутоа тоа за среќа е минимално. Џејмс Франко не е лош за улогата, некако фино одговара на ликот.

Ќе си земам за право да кажам дека ова ми е најинтересен филм за Мајмуните после оргиналот. Останатите наслови во франшизата никогаш не ги засакав доволно. А, ова ќе има продолжение во 2013 што дефинитивно ќе сакам да го гледам.

No comments: