May 13, 2012

The Avengers (2012)

Дали е чудно што The Avengers испадна дека е најдобрата адаптација на Марвелов стрип? Не. Ќе беше чудно доколку не беше така. Не претерувам, успехот и парите што ги намлати се сосема оправдани. Кога ќе го земеш најдоброто од претходните остварувања и ќе го помножиш со два (во случајот на Hulk се множи со четири), ќе добиеш ваков резултат. Зад равенката, стои Џос Видон, кој заслужено си го ужива тронот минатава недела. Акција, забава, хумор и супер-херои за чиста десетка. Еве нешто на кратко, со ситни спојлери.

Сè она што го видовме во претходните филмови, кулминираше тука, во овие извонредни два и кусур саата. И тоа 3Д, во кино во кое едвај имаше кислород. Џос Видон успеа да го извади максимумот од секој лик и актер и да обезбеди доволно време, за сечија приказна совршено да се вклопи во големата сложувалка. За секој од нив има и соодветен вовед, во случај некој да ги пропуштил нивните стории во минатите филмови. 

Буквално сите блескаат, особено кога се соочени меѓу себе, со нивните маани и доблести. Особено сум изненаден од Семјуел Мадафакин Џексон како Ник Фјури и "новајлијата" Марк Рафало како Хулк. Повлекувам сè што мрчев за Рафало, дечкото е феноменален и си ја заврши работата подеднакво добро како и неговите колеги. Далеку подобар и од едниот и другиот пред него. Време е Хулк да добие трета шанса, па еве го и вистинскиот човек кој ја заслужува и успешно би можел да ја реализира. Останатите веќе се докажаа, особено Роберт Дауни Џуниор. Тврдам дека после него, не е возможно да се одигра Тони Старк толку добро. Сепак, мене најпозитивното изненадување ми беше Хулк. Браво.

На ваков супер-тим му е потребна и соодветна закана. Во потрага по коцката (Тесерактот) што ја видовме во Captain America, Локи, полу-братот на Тор, доаѓа на Земјата со не толку добри намери. Ник Фјури во Авенџерс го гледа единствениот спас, бидејќи само тие би можеле да се спротистават на она што доаѓа да предизвика општ хаос, почнувајќи од Њујорк, каде што и кулминира дејството. Меѓутоа, собирањето на ваков тим воопшто не е лесно, бидејќи членовите додека почнат да соработуваат, прво си ја мерат големината на сопственото его. Нивните конфликти се и најсимпатичниот дел од филмот, а кој не би сакал да види што ќе се случи кога Мјолнирот ќе удри во штитот на Капетан Америка или оклопот на Ајрон Мен. 

The Avengers е навистина квалитетно остварување, филм што ќе остане и за следните генерации. И, мило ми е што ни се пружи шанса оваа историја да гледаме во "реално време". Едвај чекам да видам што ќе донесат следните продолженија, како и продолженијата на Iron Man, Captain America и Thor. Ова е и најсериозниот кандидат за филм на годината, покрај Prometheus.

No comments: