May 6, 2012

Star Wars: Blood Ties - Boba Fett Is Dead #1

Не постои перманентна смрт во фикција, а да не зборувам за проширениот универзум на Star Wars. Исто така, ништо не останува недопрено во тој Star Wars свет, па така што и еден од најмистериозните ликови имавме прилика да го видиме што правел како мал. Како некој сериозно да го занима потеклото и детството на Боба Фет.

Blood Ties е стрип серијал посветен на Боба и Џанго Фет. Поминати се неколку аркови во кои појма немам што се случувало, а и не би можел да се грижам помалку. Целата таа идеја дека Труперите се клонови на Џанго Фет ми предизикува мачнина во стомак, така што не ме интересира ништо за него. 

Минатиот месец започна нов арк од Blood Ties приказната, Boba Fett Is Dead. Иако природната реакција на ова е "По кој пат?", мене насловната страна ме убеди да го симнам и да видам како тоа Боба Фет е мртов. И, очигледно е. Уште на првите страни, Боба лежи оптегнат  на сува земја, со прострелна рана во шлемот кој авторот на овој текст потајно го посакува како дел од неговата гардероба. Не се знае кој е одговорен за неговата смрт, ниту пак кој е тој мрачен лик што се решил да го одмазди и зошто. Зар некој се грижи за Боба Фет?

Приказната заврши супер, доволно за да го читнам и следниот број кој излегува дури на крај на месецов. Ете, интересен Star Wars стрип. Се надевам нема да ме акне од земја со вториот број како тоа што беше случај со Dawn of the Jedi. Баш чекам да заврши аркот со следните два, па да пишам нешто повеќе. Вака на кратко, Dawn of the Jedi после феноменално интро и ветувачки прв број, забега со истите глупости кои ги среќавам во повеќето Star Wars стрипови. Мал хинт: Пак истите униформи на Империјата и илјадници години пред да постои!? Сериозно? До кога стриповите ќе ја користат истата (визуелна) формула од филмовите? Тоа ли кажува истражувањето на пазарот, тоа ли сакаат луѓево да читаат? Или никој воопшто не се замара и упорно штанца Star Wars лого на сè што ќе се продаде? За жал, така е.  

Да се вратам на Boba Fett Is Dead пред муабетот да ми отиде во друга насока... Приказната ќе има четири броја,  кои ги пишува Том Тејлор, авторот на Star Wars: Invasion. Стрипот го црта Крис Скалф, сосема непознато име за мене, сè додека не видов каква добра работа завршил тука. Дечкото е одличен, еве на линков може да се погледне неговото портфолио.

No comments: