December 15, 2012

Во одбрана на Skyfall

Го гледав Skyfall пред некоја недела и тоа на кино снимка. Некако не ми се излегуваше разочаран од кино како оној пат. И, после некое време и изгледани неколку постари Бондови за анализата да ми биде комплетна, да си кажам за Skyfall. Третата шанса можеби изгледа различно од општата претстава за Бонд, и веројатно има повеќе причини зошто е тоа така.

После еден не толку лош и еден катастрофален Бонд, немав апсолутно никакви очекувања дека ќе видам нешто добро и сега. Откако франшизата е "рестартирана" во модерно време, непотребно осакатија еден куп Бонд атрибути кои се битни состојки во формулата за филм за таен агент кој има специфични карактеристики. Извади ги и ќе добиеш просечен акционен трилер, какви што има секоја година по 20.

Гледајќи назад низ филмовите со кои сме растеле, заклучив една битна работа која иако присутна никогаш не ја земав во предвид кога ги оценував последниве три. Можеби зошто во првите два недостасуваа тие Бонд елементи и воопшто не ми ни падна ова на памет. Значи, секој Бонд филм и секој актер припаѓа на сопствена ера. Така е формулиран ликот, негативците и секако технологијата што ја користи. Не само периодот и начинот на раскажување приказни на филм, туку и општо моменталната ситуација во светот (мислам и на политичката ситуација, нормално). Токму тие две главни ствари ја прават равенката врз која се базира еден Бонд филм. Речиси во секој филм можеш да најдеш нешто карактеристично за тоа време. На пример, тоа е јасно изразено во филмовите со Броснан. Од супер-негативец кој создава воени конфликти главно преку своите медиуми, до невидливи коли и СФ технологија. Die Another Day е онака глуп пример за тоа како некој сметал дека ќе се развива технологијата, па затоа и Бонд е опремен со геџети кои во обид да се "чекор пред светот" изгледаат смешни. Се случувало и порано, да, меѓутоа пукна комплетно. 

Денес светот е сменет, а кога веќе Бонд треба да постои, треба да се носи со околностите. Не може во 2012 да има негативец со приватен остров кој ќе го освојува светот. Функционирало некогаш, во поинакво време кај поинаква публика. Денес таков Бонд би изгледал како Остин Пауерс. Дури и Бонд како лик треба да припаѓа на денешницата. Не може да се облекува во гумен крокодил, не. Баш тоа и беше проблемот со претходните два, што во обид да се доближи Бонд до ова време, претрпе и ликот. За чудо, Skyfall симпатично ги вади сите Бонд моменти и успешно си игра со нив. Затоа е и единствениот од трите кој успева да се доближи до она што треба, она што повеќето сакаме да го видиме. 

Крајот на Skyfall понуди кулминација која само го спои овој модерен Бонд со почетокот на серијалот. Откако Крег доби Q на средина на филмот, и тоа онаков Q каков што е повеќе веројатно дека ќе биде во факинг 2012, доби и нов М и Манипени. На крајот, се осеќа транзицијата на овој Бонд во она што беше Бонд пред Casino Royale. Можеби три филмови беа премногу како приквел или вовед, но Skyfall е битен чекор во формирањето на овој нов Бонд. Доколку хинтовите беа повеќе од играње со публиката, очекувам да го видам Бонд во вистинско светло следниот пат. Крег има уште две шанси пред него. Очигледно ова помина и кај пошироката публика, и веројатно тоа доволно за да ја потврди насоката на следниот филм. До сега, најбондовскиот Бонд со Даниел Крег. Дури и како филм е супер, и заслужува второ гледање.

No comments: