July 21, 2013

Justice League: The Flashpoint Paradox, Beware the Batman и Batman/Superman филм

Викендов ми се собра "материјал" што сакам да го споделам тука, па ќе пробам да го стиснам во еден пост. Во ист период се појавија Justice League: The Flashpoint Paradox, новиот долгометражен цртан на DC и новата CGI анимирана серија, Beware the Batman. Како врвот на викендов исполнет со Бетмен, на овогодинешниот Comic Con најавија филм со него и Супермен. 

Да почнам со Justice League: The Flashpoint Paradox. Хајпот и препораките од луѓе на кои им верувам на вкусот, ме натераа да чепнам нешто со Justice League во насловот. А, не сум фан на JL, ќе образложам во некоја друга прилика зошто, иако ми се свиѓа кога некои од ликовите ќе ми се преклопат со нешто што го сакам. Филмот е базиран на Flashpoint, наслов на Џеф Џонс кој игра битна улога во историјата на DC универзумот и бизнисот на самата компанија. Веднаш по завршувањето на настаните во Flashpoint, DC го ресетираа универзумот и започнаа "Новите 52" чии приказни сеуште се во тек (и некои од нив се многу, многу добри).


Flashpoint немам читано. Грешка што планирам да ја исправам чим го објавам текстов. Немам нерви за сите наслови во ивентот, се одлучив само за главниот серијал и Бетмен. Одговорно ќе си кажам дека The Flashpoint Paradox лично ми е најдобриот анимиран на DC до сега, кој нели, нема Бетмен во насловот. Приказната опфаќа теми како патување низ време и алтернативни универзуми, теми од кои никогаш не ми е доста и обично гнетам што и да се сервира. Овде плус има мајсторска реализација, со малку посериозни теми и темен тон за што морам да се сложам со Љубиша дека ова не е цртан филм за деца. Барем не за нежните американски деца денес. 

The Flashpoint Paradox можеби не ми го смени мислењето за одредени ликови, меѓутоа ме поттикна да читнам нешто повеќе. Памтам што се случи со Аквамен, додуша. Приказната во стрипот ми делува многу, многу покомплексна и интересна од овие саат и триесет минути и затоа морам што побрзо да видам за што станува збор. Иако целата приказна е џам, најзаинтересиран сум за Бетмен од тој универзум. Ќе читам, па може и ќе склопам нешто за тука.

Е, сега. Колку што ми беше супер The Flashpoint Paradox, толку сум разочаран од Beware the Batman. Јасно е дека моментално не може да се пропушти профитот од Бетмен серија, а исто така дека и не е возможно да рециклираш едни исти идеи и приказни. Особено ликови. Колку варијанти има на Џокер во анимираните Бетмен серии? Тоа си го помислиле и продуцентите на новава серија, CGI анимирана, со квалитет поблизок до Transformers: Prime и новите Нинџа Желки, отколку до The Clone Wars

Можеби ќе си најде фанови, ама јас ќе морам да го скокнам ова. Има премногу добри серии на истата тема, со негативци кои не се извадени од правливи полици од некоја DC архива, и со Алфред како што го знам. Алфред веројатно е она што најмногу ме одбива тука, без разлика дали е канонски. Од општопозната претстава за батлерот на Брус Вејн, тука има верзија која повеќе личи на Агентот 47 отколку на Алфред. Набилдан бивш MI-6 агент, кој му е бодигард на Брус и му помага на Бетмен директно на терен. Приказната, а богами и анимацијата, не е ништо посебно за да дадам втора шанса.

И за, крај... конечно Бетмен и Супермен во ист филм. Не е првпат ова да се најавува, но овој пат е официјално и мислам дека нема да се откажат. На Comic Con ова било најавено спектакуларно, со нарација од The Dark Knight Returns, меѓутоа филмот нема да биде тоа. Среќен ќе сум со стар Брус Вејн, како и да е. Не се надевам многу, зошто изгубив доверба во Зек Снајдер. Хенри Кавил останува Супермен, додека за Бетмен моментално нема никакви вести. Ова допрва ќе почне да се отплектува и ќе следам зошто ме занима каде ќе ја тераат работата.

No comments: