July 20, 2013

Додека чекам покана за WildStar...

Се радувам како дете на секоја нова вест и видео. Можно ли е да е ова следната ММО болест што ќе ја прележувам? Нешто пишав лани, уште кога многу малку се знаеше за WildStar. Уште тогаш некако ми се двоеше од купот нови игри, а сега уште повеќе. Моментално во тек е третата затворена бета (за која немам покана, иако се регистрирав од 5-6 различни мејлови) и сеуште нема датум кога ќе биде широко достапна за тестирање. Ден што го чекам со нетрпение, исто како оној пат кога чекав RIFT.

WildStar полека добива некако финален облик. Вчера ги објавија последните две раси од вкупно осум. Останува уште двете последни класи и отприлика ќе се знае што да се очекува. Лани беше малку нејасно со класите и "патеките", баш сега го читав постот што го имав пишано. "Патеките" ќе се нешто како професиите по сличните игри, со тоа што ќе може да се одберат независно од класата или расата. Класите ќе бидат лимитирани по раса, нешто слично како во World of Warcraft порано, пред да направат хаос каде што можам да играм Tauren Paladin. Што е во секој случај фино, зошто се дава некаква уникатност на самата раса. 


Она што е фасцинатно за светот во кој е сместена WildStar, покрај нели самиот дизајн кој е можеби клучен за мојот интерес, е бројот на зони. Моментално на официјалниот сајт се излистани нешто повеќе од 20 зони што е огромна бројка и ретко која нова ММО игра прави таков чекор. Доколку имам толкав виртуелен свет на располагање, ќе играм само за да го видам. Друг свеж елемент е движењето и борбите. Мило ми е што новиве игри полека се дистанцираа од стандардот кој го постави WoW и се осврнаа кон малку подинамичен начин на справување со непријатели. WildStar ќе нуди дупли скокови, спринт, залет и општо поголема слобода во движењето и нападите. Куќите достапни за секој играч, иако ништо не ми значат, си привлекуваат своја публика и сигурен сум дека ако ги направат како Димензиите во RIFT, ќе добијат играчи само поради нив. 

Најбитниот елемент за мене е PvP борби во отворен свет кои ќе ги има, зошто планетата Нексус е поделена на две спротиставени фракции. За жал RIFT не успеа во ова, меѓутоа доколку WildStar успее да ги "закрви" играчите како што тоа го направи WoW, има простор за епско PvP. Покрај тоа, ќе има стандардни арени и инстанци за PvP, зошто се неизбежен дел од секоја ваква игра. 

Ако добро ме служи осетот за MMO-a, WildStar има потенцијал комплетно да го освежи жанрот. Има супер дизајн, не делува претенциозно, содржи елементи од проверена формула и ветува рејдови за 40 играчи. Во време кога славните денови од ММО-а се прераскажуваат со носталгија, треба да се појави игра која ќе ги освежи тие сеќавања. Не ни требаат ствари дадени на тацна, не треба секој да е херој, туку секој треба да се искуси своја авантура. Мислам дека WildStar ќе успее колку-толку да го долови тоа.

Сеуште нема датум, но се шпекулира за крај на оваа година или почетокот на следната. Моментално не ме интересира системот на плаќање (ќе ја пробам без разлика дали се купува, плаќа или не), но со оглед на тоа што NCSoft ќе ја објави, очекувам еднократно плаќање. И, онака моделот на месечна претплата е исплатлив само кај WoW. Во меѓувреме, ќе го оставам видеово тука.

No comments: