March 6, 2014

Првата Transformers: Age of Extinction рецензија

НАПОМЕНА: Transformers: Age of Extinction излегува во јули 2014. Трејлерот, исто како и претходниот,  доволно ги открива сите сегменти на филмот така што немам причина да потрошам два саата за да го гледам. Овој пат, нема потреба ни да гледам семпл.

Мајкл Беј е незапирлив. Некој во Холивуд одлучил дека ова е вистинскиот човек за Transformers филмови и тоа очигледно е длабоко врежано во камен. Покрај ова четврто сквернавење на детството на милиони, ќе следуваат уште две во следните неколку години. Само вистински Десептикони би го спречиле Мајкл Беј да го прави ова што го прави...

Приказната, како и во претходните делови е тотално во заден план. На крајот и на краиштата, битни се тие 40 минути ефекти од целиот двочасовен филм. 40 минути Трансформери кои едвај се разликуваат еден од друг, и натрупани сцени каде што единствено што гледаш се комјутерско-генерирани парчиња обоен метал расфрлани низ досадни кадри. Овој пат, за среќа, го нема Шаја во комбинација со вруќа неталентирана актерка. Местото го завзема Марк Волберг, со друга вруќа неталентирана придружничка која е некако премногу возрасна за да му биде ќерка. Како што е во сценариото. Не го измислувам ова, сериозно.

Самохраниот (претпоставувам, додава некаква емотивна страна, нели) татко, генијалец заборавен од државата, и неговата ќерка го наоѓаат деактивираниот Оптимус Прајм, кој завршил така откако луѓето удриле по Автоботите. И, тоа не било како, туку со сопствени Трансформери, чија технологија и развој е продукт на обратен инженеринг (вака ли се вика на македонски?). Но, како што е прашање на време, машините еден ден ќе се свртат против нас. Токму ова оргинално сценарио се одвива и тука, каде што човечки создадените Трансформери удираат по својот создавател. Типично за Трансформерс приказна, Десептиконите ја користат и оваа прилика за да го истребат човештвото. Па, така, преживеаните Автоботи мора да соработуваат со Диноботите зошто нели, они се човекољубци.

За љубителите на лоши компјутерски експлозии, ова е вистинскиот трејлер филм. Загарантирана двочасовна екстаза, по можност во некое слабо климатизирано 3D кино и омилените грицки шверцувани во истото. Сценариото кое ќе го пополни времето измеѓу скапите сцени, е од истиот тип што ги пишуваше и претходните два, така што плитките дијалози се доволно застапени и во трејлерот на филмот. За разлика од претходните, Age of Extinction се обидува уште посериозно да протне приказна за ебани џиновски роботи од друга планета. Изгледа Мајкл Беј не стигнал да го гледа единствениот фин пример за ваков жанр последниве години, зошто бил презафатен режирајќи ги новите сцени седнат на ВЦ шоља со две играчи Трансформерс. 

Музиката е истиот шаблон како и до сега. Напнат оркестар, смискан координирано со експлозиите, натпреварувајќи се на моменти кој може да биде побучен. Мојата оценка е 3/10, бидејќи Диноботите не изгледаат толку лошо. Исто како и главната женска улога. Ете, ме таргетиравте со изборот.

No comments: