March 23, 2014

WildStar бета викенд

После година и пол чекање, викендов ми стигна бета клучот за WildStar. Како што траеше чекањето, така си ги спуштав очекувањата. Сега откако видов за што се работи, баш фино што влегов така со отворен ум и без некој хајп. На кратко, WildStar не е добра игра. Барем не доволно добра за да платам за играње. И не, нема врска што е бета. Играта излегува за помалку од три месеци, и не верувам дека финалната верзија ќе биде нешто многу поразлична. Освен мало шминкање на очајната графика, не можат многу да направат. 

Да почнеме отпочеток. WildStar ја работи екипа девелопери кои искуството го стекнале во најславните денови на World of Warcraft. Откако си заминале од Blizzard, пет години работеле на енџинот на кој денес вози WildStar. Очигледно не следеле што се случува на ММО сцената последниве години, зошто не знам како поинаку може да се оправда примитивниот концепт на играта. За денешни стандарди, механиката на WildStar е застарена. Не само што изгледа како корејско бесплатно MMO, туку и самиот гејмплеј и квестови се такви. Осумте левели кои успеав да ги постигнам, воопшто не беа забавни. 


Она што упорно ми пречи во добар дел ММО што сум ги пробал, е почетната зона. Кога играм ММОRPG, очекувам инстантно да бидам фрлен во светот, препуштен сам на себе. Без туторијали, без инстанцирани зони кои ќе ме воведат - ништо. Ретко кој успева да создаде таква почетна зона, која покрај тоа што те учи на основната механика на играта, ти нуди отворен свет и слобода. WildStar ме држеше за рака некаде до третиот левел. Откако ме пушти во отворениот свет, пак се осеќав како ми виси над глава и ми шета низ очајно дизајниран свет со квестови од типот на "Убиј 10 ____", "Собери 10 ____"... Има буквално три типови на квестови, претерано лесни и без никаков предизвик. Од време на време, ќе се пушти тајмер од неколку минути за ист таков свет, кој ти дава бонус награда ако убиеш уште пет од суштествата кои се само така ставени таму каде што се. 

Светот, планетата Нексус е најдосадниот свет што сум го видел во ММО. Не е ни свет, туку површина каде што има суштества со катастрофален дизајн за квестови, и некакви бази на фракцијата на која припаѓаш кои исто така не се вклопуваат. Единствената причина поради која што се таму, е да земеш нови квестови, додека дојдеш до сличната таква база со потполни исти такви квестови. Како некој што игра вакви игри за да се внесе во виртуелната околина, нема ништо тука за мене. Пробав да шетам, само за да видам дека секој камен е копи-пејст, секое дрво.. Протрчав низ три зони, секаде е присутен истиот проблем. Тоа што наводно играта станувала подобра на 15 левел, не ми значи ништо. Ако не ме завлечеш на почеток - немаме договор. Почетната зона на бродот, пред да ме фрлат на планетата, едвај ја издржав.


Приказната не ме завлече. Текстот од квестовите е сведен на минимум, а ако нешто сакаш повеќе да дознаеш, има посебен Lore таб каде што ќе ти фрлат нешто конфузно напишано. Ниту едно место што го посетив нема сопствена приказна. Чисто за (неизбежната) споредба, да се потсетиме на WoW. Од почетната зона на Орките, пример, до првото поголемо населено место, Razor Hill, приказната е секаде околу тебе. И, без да прочиташ нешто, само што ќе го згогледаш Razor Hill и околината, можеш да ја осетиш неговата историја. Приказна во MMORPG, не се раскажува само со опционален текст. Многу е битно да знаеш и визуелно да раскажеш нешто. Нормално е дека WoW ќе биде репер за вакви игри, а глупости како WildStar само ми го докажуваат тоа. Затоа муабетите во глобалниот чет на играта се исти како во сите нови вакви игри.

Покрај стандардните класи, WildStar нуди path систем. Нешто како занимање, со некаква глупава цел. Избрав Scientist и единствено што правев, скенирав камења со мало роботче. Исто како и квестовите, треба да искенираш 10 такви исти. Инвентивно, нели? Борбите за среќа не се како во другите игри, ама не се ни нешто ново. Нема auto-attack, мораш да нишаниш кон противникот, ама во никој случај ова не е пресудно за квалитетот на истите. 


Пред да одам и да си ослободам 15 гига на хард-диск, да кажам и за графиката и дизајнот. На првите скиншоти и видеа (дури и на скиншотиве во постов), изгледаше фино. Ја играм на high сетинг, и пак е лошо. Премногу е шарено, а и фонтот е лошо избран. Ова не верувам дека ќе го средат, единствено што може да направат е да ја оптимизираат да вози на секаков посилен хардвер. Гледам дека многу луѓе со подобра конфигурација од мојата се приморани да играат на слаб сетинг поради лош фрејм-рејт. Малку ги намалив скриншотиве тука, зошто беа по неколку мегабајти.

WildStar пропаѓа до крајот на годинава. Под тоа мислам, дека ќе отиде free-to-play. Гарантирам. И, тоа не поради големата конкуренција и Warlords of Draenor, туку зошто е едноставно досадна, лоша игра. Не вреди ни долар од тие 60, а камоли за месечната претплата.

No comments: