June 22, 2014

Неделна Бетмен инјекција: Batman Eternal

Да бидеме реални, Скот Снајдер и Грег Капуло потфрлија со Zero Year аркот во редовниот Бетмен, кој моментално доаѓа до конечната завршница. Приказната не е воопшто револуционерна како што ја најавуваа кај Кевин Смит, цртањето е просечно и искрено едвај чекам да заврши, за Бетмен да се врати во "денешно време". Останува уште еден број до крај, следниот месец, па ќе се потрудам да помуабетам нешто повеќе на темата. 

Бројот #28 од редовниот Batman, фрустрирачки избега од и онака досадната Zero Year приказна, за да ја запознае публиката со Batman Eternal. Замисли чекаш продолжение на претходниот број, а добиваш блатантна реклама. Веројатно ќе продолжев да го игнорирам Batman Eternal, и онака има премногу Бетмен наслови во моментов, додека не сконтав дека се работи за неделно издание. Три броја нема да ми наштетат многу, нели? Само што го дочитав и #11 и еве ме, го пишувам постов. 


Batman Eternal е одличен наслов за пополнување време додека заврши Zero Year. Толку е добро што сега знам дека секоја недела ќе чекам нов број. Не е најдобриот Бетмен што ќе го прочиташ, нема да биде влијателен наслов за десет години од сега, меѓутоа нуди интересена приказна, која според Снајдер, ќе содржи 60 броеви. Да, Скот Снајдер го пишува ова, заедно Џејмс Тајнон IV (секоја чест за Game of Thrones името, дечко!) и цела екипа на цртачи, а и сценаристи. Тајнон го пишуваше Batman Annual #1 заедно со Снајдер, и се покажаа како фино комбо.

Првиот број отвара скроз моќно. Во некоја (блиска) иднина, Готам е цел во пламен, а Бетмен е поразен и заврзан полу гол и без маска за бет-сигналот. Има некоја нарација што директно му се обраќа на Брус, што веднаш додава дека кој и да е непријателот, има некаков личен сукоб со него. Приказната потоа се пренесува во "денешно време", каде што Бетмен и Гордон го бркаат Професор Пиг и неговите луѓе во метрото во Готам. Гордон, со цел да се спротистави на еден од луѓето на Пиг, испукува куршум во трансформатор со што предизвикува сообраќајна несреќа и е одговорен за смртта на стотици жители на градот. Иако околностите се крајно сомнителни, Гордон е притворен и лишен од функција, заменет со друг комесар со сосема поинаква политика и намери. Целата ситуација е всушност голема завера за превземање на Готам и тргање на Бетмен од сликата. Вмешани се многу луѓе, а не верувам дека ќе почне да се отплеткува во брзо време.

Новите раководители на Готамската полиција создаваат општ хаос со нивните сомнителни постапки, Мафијата е исто така вклучена и присутна, а мобилизирана е цела Бет-фамилија заедно со интернационалните членови на Batman Incorporated. Случувањата се насекаде низ светот, буквално се води војна за Готам. Некои од ликовите што не ми биле никогаш интересни, тука фино се вклопуваат. Пропусти во приказната секако дека има, меѓуоа станува сè поинтересно. Во следниот број треба да се случи и судењето на Гордон. Доколку екипата на Batman Eternal продолжи со истово темпо, ќе ме задржи како редовен читател и во следните месеци.

No comments: