June 16, 2014

Најдобрата Game of Thrones сезона до сега

Никогаш до сега не сум изгледал сезона на Game of Thrones со чекање измеѓу епизоди. Колку и да ми била добра серијата, секогаш сум ги гледал првите две-три епизоди и сум чекал да се соберат останатите за да ги здрвам во еден здив. Е, сезонава, секој понеделник трчав од работа до дома за да гледам. Настрана Нед Старк и свежиот здив што го понуди првата сезона пред неколку години, четвртава ми е најдобра до сега. Надолу има спојлери, безобразни како неправдата што го стрефи Тирион.

Мислев дека ќе се простам од Game of Thrones некаде во трета сезона. Почна ужасно споро, не ми беше интересно тоа што се случува и некако осетив дека приказната се претвора во досадна сапуница. Да не беа епизодите на South Park кон крајот на минатата година да ми ја вратат љубопитноста, можеби немаше да гледам пак. Знаев и доволно спојлери, за среќа некои не сосема точни. Што беше супер, зошто немаше толку многу да ме изненади Red Wedding.

Питер Динклиџ, некоја минута пред да добие Emmy.

Сезонава не само што ме закова за серијата како првите епизоди, туку и ме натера да ја спремам A Feast of Crows за читање. Така да, конечно ќе можам да им се одмаздам на буљашите што ми направија спојлери за Џофри пред да стигнам дома. А, финалето ме остави со толку прашања кои не би да ги чекам до следната пролет. Заедно со финалето, четвртата сезона е феноменална од секој аспект. Приказната конечно малку се забрза, настаните никогаш не биле поинтересни и напнати, па дури и продукцијата ја стегнаа како никогаш до сега. Многу беше разбирливо што видовме епска, скапа за продуцирање, битка на Ѕидот, зошто нема поента да се штеди на серија што остварува најголем профит во историјата на HBO.

Ликовите, тие што ги преживеаа претходните сезони, тука ја достигнаа својата критична точка. За Џофри ми е малку криво. Колку и да беше катиљ, беше еден од најдобрите антагонисти што сум ги видел на телевизија и уживав да го гледам дури и кога ги правеше најголемите срања. Не дека не си заслужи таква смрт... Општ хаос почна да се случува кај Ланистерс, сигурен сум дека нема да се спастрат во следната сезона. Ако воопшто преживее некој доволно долго за да ја оправа ситуацијата, нели.  Џон Сноу е најпосле битен, можеби побитен од било кога, а како што разбрав еден ситен спојлер за идните сезони, неговото време допрва доаѓа. Калиси со армијата што ја собра, си го добива тоа што го заслужува, само не знам колку долго ќе успее да го задржи. Веќе губи контрола над змејовите со малку поскапи ефекти, пробува да владее со многу народ, а не сум баш сигурен дека знае како. Сепак нејзината приказна ми е најинтересна и најмногу поради тоа сакам да ја читам следната книга. 

Што е со Брендон Старк, еј? Знаев дека и он оди некаде, ама не дека натака. Што ќе биде сега, ќе го смени скроз стариот во дрвото? Има нешто крајно сомнително околу Старкс и гавранот, верувам дека ќе е битно и клучно. Ако се поклопи со спојлерот што го знам за Џон Сноу и се деси во следната сезона, партали ќе биде тоа. Дури и сестриве Старк може ќе се сретнат. Не знам дали и во книгите е така, ама нивните срања, особено Арја Старк, тотално не беа битни освен во првата сезона. Санса колку толку успеа да мрдне од место, ама Арја.. ништо интересно со Арја до финалево.

Сезонава имаше и некои ликови што, за жал, прерано завршија. Оберин, на пример. Нема и јас да почнам да фрлам со камења кон Џ.Р.Р. Мартин, ама е стварно цар за ликови што умираат кога доволно ќе ги засакаш. Баш ќе видиме кои ликови ќе умрат во петта сезона, сега кога ја грабнам A Feast of Crows. Почнува Играта на Спојлери, и завршува оваа глупава фора што ја прочита во истава реченица.

No comments: