June 21, 2014

Godzilla (2014)

Со некои јапонски работи не можеш да се заебаваш. Немаш право, иако технички си ги откупил правата за нешто што преставува некаков вид културно наследство на некој народ. Во 1998, првата американска интерпретација на Годзила ги има толку разгневено фановите и студиото кое стои зад јапонскиот серијал, што чудовиштето во тој филм е влезено во јапонскиот канон само да умре гадна смрт. Главната причина за незадоволството е лошиот редизајн на Годзила, кој е комплетно различен од изворниот материјал. Но, да си признаеме, тој филм тогаш изгледаше колку-толку забавно.

Години по првиот американски Годзила, дојдов до контакт со оргиналните јапонски филмови. Почнав опсесивно да ги гледам, хронолошки, барем тие што тогаш успеав да ги најдам. Си бараат посебно расположение и третман, и нормално да ги прифатиш гумените костими, евтините ефекти и јапонската смисла за правење филмови. Некои се комплетно апсурдни и смешни, меѓутоа баш таму и лежи убавината.

Toho, јапонското студио одговорно за Годзила, се реши да даде уште една шанса на Холивуд, да го претстави најпознатото чудовиште во светот. Но, овој пат, со внимателно надгледување и помош, од чиј недостаток очигледно патеше првиот филм. Поддршката ја имаат понудено во однос на дизајнот на Годзила (најбитниот детал), звукот кој потекнува од оргиналните филмови и приказната. Конечно го изгледав филмот и резултатот воопшто не е лош. За среќа и за чудо.

Godzilla покажува огромна почит кон изворниот материјал. Иако не нуди ништо ново, интерпретацијата е сосема во ред. Првите реакции што го прочитав беа крајно позитивни. Некои дури и го нарекуваа The Dark Knight на жанрот. Требаше да пројде скоро месец, за страстите да се избалансираат, да се намали хајпот и да се формира некаква генерална оценка. Со истата, можам комплетно да се сложам. Не е најдобриот американски филм со џиновски чудовишта, првото место кај мене го држи Pacific Rim, меѓутоа не е ни комплетно промашување како Cloverfield

Приказната е прилично едноставна. Годзила се буди, заедно со две други чудовишта кои се решени да се парат и размножат по секоја цена. Нема да е Годзила филм ако не ги спроставиш, нели? Нема да е Годзила филм ако катастрофалното уништување на градови не се пренесе низ неколку континенти? Филмот го нуди токму тоа. Заедно со сите клишеа, дводимензионални ликови и скапи специјални ефекти. Сепак, успева да добие некаква средна вредност, веројатно поради референците кон целата Годзила митологија и Брајан Кренстон, единствениот лик за кој ќе ти биде гајле. Тензијата која се обидува да ја понуди, некако не пројде кај мене. На моменти дури и претерано линеарен и стерилен, ама ова ќе мора да го протнам субјективно зошто сум добро запознаен со оргиналните филмови. Верувам дека на некој што прв пат се запознава со Годзила, ова ќе му биде многу позабавно од она срањето од 1998.

Режијата е фина. Ефектите делуваат реално, а Годзила е преставен најмаестрално што може. Запазени се многу детали, дури и атомскиот здив. Дури и музиката некако потсеќа на оргиналните филмови. Секогаш можело подобро, меѓутоа решавам да се кладам на Гарет Едвардс и неговите режисерски способности. Веќе е потврден како режисер на првиот самостоен Star Wars филм, веројатно за Боба Фет. Со тоа бледо сценарио, верувам дека направил сè што можел.

Неколку од најпознатите Годзила филмови периодов излегоа на блу-реј, така што ете одлична шанса да се изгледаат уште еднаш на квалитетна снимка.

No comments: