September 28, 2014

Првата сезoна на Halt and Catch Fire

Цело лето немав изгледано серија, бар не асално, со завршена сезона на тацна. Halt and Catch Fire улета неплански, како препорака од другарите и колеги програмери и веројатно е најпотценетата нова серија. Иако е на AMC, има исклучително квалитетна продукција, талентирана актерска екипа и интересна приказна, немав видено никаков маркетинг/хајп за серијава, третманот што го добива ме потсеќа на непреболената Rubicon. AMC изгледа финансиите за маркетинг ги фокусира само на одредени серии, не знам врз база на што, со што на вакви ремек дела им се заканува неславна судбина. Штета. Меѓутоа, и покрај тоа што ја држат HCF во сенка на Mad Men и The Walking Dead, и покрај слабиот рејтинг кој можеше да значи укинување, серијата ќе добие втора сезона следната година.

 "Let's cook, bitch"

HCF е ладна, мрачна драма сместена во раните 80-ти, кога една мала компанија од Тексас влегува во трката за доминација на пазарот со персонални компјутери (да, само што напишав персонални компјутери, ко некој македонски портал што преведува статии, ама бар не е "сметачи"). Во Cardiff Electric, компанија за системски софтвер, доаѓа нов заебан лик. Џо МекМилан, директно од IBM и со малиот тим, практично од двајца луѓе, се обидува да понуди револуционерна машина на пазарот, малку... нелегално.. базирана на BIOS чипот на IBM. Да не навлегувам понатаму во детали, нека остане нешто на имагинацијата на тие што никогаш нема да ги гледаат овие 10 феноменални епизоди.

Некои би ја опишале како хибрид помеѓу Mad Men и Breaking Bad, а јас донекаде и би се сложил, иако имам изгледано само неколку епизоди од првава. Со самата режија и фотографија, па дури и делумно ликовите, не е тешко да се сконта од каде продуцентите црпеле инспирација. Во првата епизода има и сцена која изгледа како да е излезена од Breaking Bad, на пример. Насекаде има моменти кои укажуваат дека серијата е на AMC, и без да го видиш логото доле на апсолутно легално симнатиот торент рип. Со Halt and Catch Fire, AMC сè повеќе заликува на HBO и станува име што ме асоцира на квалитет и во иднина ќе се трудам вакви "мали" серии да ги имам побрзо на радарот. 

Тоа што е базирана на настани кои се случиле во историјата на ИТ, скроз не значи е наменета за публика од таа индустрија. А, сум приметил дека баш оваа заблуда одвлекува луѓе од серијата на кои веројатно би им се свиѓала доколку решат да дадат шанса. Тоа е исто како да мислиш дека Breaking Bad е наменета за хемичари и дилери на мет. Иако терминологијата е автентична, не е толку неразбирлива за луѓе кои не се толку навлезени. А, и па да е, сигурно не го читаш постов на папирус, може ќе те едуцира како дошло до уредот што го користиш. Не дека имам намера да споредувам, меѓутоа Silicon Valley беше многу поексплицитно фокусирана кон одредена публика од ова. Греота е HCF да не го добива вниманието што го заслужува, а уште помалку втората сезона да е последна.

No comments: