January 20, 2015

Први впечатоци од Tomb Raider

Како и еден куп други игри што ги пропуштам поради World of Warcraft, така и Tomb Raider (рибутот од 2013), дури сега стигна на ред. Да не беше цената толку смешна на празничниот попуст на Steam минатиот месец, можеби и ќе ја прескокнев. Покрај тоа, бев некако загреан за Tomb Raider после Lara Croft and the Guardian of Light. Играта е комплетно различна од претходните. Оддалечена е од гејмплејот карактеристичен за серијалот, а нуди и свежа приказната за созревањето на Лара каква што ја знаеме сите. Физичките атрибути со кои го проби насловот се присутни и тука, ти манијаку еден, и покрај тоа што не е спретна со еден куп други ствари битни за преживување на некоја локација со древна историја, замки и мистерии. 

Tomb Raider ја раскажува трансформацијата на Лара Крофт од збунето исплашено девојче во воин каков што е познат, откако нејзиниот екипаж археолози ќе се слупа со брод на локација која треба да ја истражат. Поради спојлери, и поради тоа што сум уште до пола од играта, нема да навлегувам во детали по што точно тргаат, ама ќе пробам да доловам колку е мајсторски склопено, иако бев крајно скептичен кога почнав да играм. 


Уште на самиот почетокот, сфаќаш дека ќе играш различен Tomb Raider, и покрај тоа што играта ќе проба да те подлаже со лесна препрека која делува како да излегла од старите наслови. Она што следи понатаму е сосема различна игра која практично се игра самата. Повеќе се фокусира на преживување отколку на правење јамка од кабел од џојстик со која планираш да се обесиш зошто не можеш да најдеш начин како да се качиш на статуата кај што е рачката за вратата. Единствените предизвици каде што можеш да добиеш вистински Tomb Raider момент се таканаречените "гробници" (погоди зошто се таканаречените), за кои си известен ако има такво во близина. Таму има некоја загатка која бара малку повеќе од кликање и скокање за дојдеш до Х небитна награда. Вистинската награда е веројатно тоа што си добил класично Tomb Raider искуство, наспроти долги синематици каде што Лара плаче, ја боли стомакот, пали оган, плаче, убива елен за да јаде додека плаче, си ги чисти раните со вжештена стрела и слично.

За среќа, играта изгледа феноменално, дури и на мојава веќе застарена машина. Сценариото и приказната се одлично напишани, забавна е, гејмплејот е интересен, па така што можеш да ги игнорираш сите елементи позајмени од жанрови што не ти си баш занимливи. Левелирањето на вештини, оружја и слично и го мразиш додека не ти стане рутина. После тоа, копањето по кутии за поени за апгрејд ти станува нормално, исто како калта и крвта по лицето и телото на Лара. 


Оружјата се интересни, со оглед на тоа што лакот и стрелата на пример, покрај за забодување во главата на бројните непријатели, се користат и за проаѓање некои едноставни (и не толку едноставни) препреки. Ти треба мост? Испукај стрела со јаже од карши и ете ти. Патот ти е попречен од даски и бодликава жица? Нема проблем, тука е шатганот. Некое гнасно запотено копиле се обидува да те силува? Пукај му во глава.

Колку и пробував да мрчам за гејмплејот, успеав да се навлечам. Нема ете ништо тешко, достапна и за сите, веројатно е добар потег наменет за тие што сакале да играат Tomb Raider, a биле спречени од сопственото трпение и интелект. Играта те води за рака цело време, па дури и ако мислиш дека си заглавил, има нешто што се вика "survival instinct" кое ти ја анализира околината и ти ги бележи стварите кои дозволуваат интерaкција. Како "detective mode" во Arkham игрите.

Главната мисија не завршува и откако ќе стигнеш до крај. Играта има "fast travel", кој покрај тоа што ќе те натера да се фатиш збунет за глава, ти овозможува да се отидеш на некоја друга локација што веќе си ја посетил и да ја завршиш наоѓајќи ги сите предмети и артефакти. Нуди и мултиплеер кој верувам дека е смешен баш како што звучи, така што сега за сега планирам да го скокнам. Останатото е стварно добро, вреди за тие три евра колку што беше, па дури и за редовната цена. Веројатно треба да кажам "браво за играта" сега? Океј тогаш, браво за играта Crystal Dynamics. Ми го посравте и "модернизиравте" серијалот каков што го сакав, ама простено e. Браво.

No comments: