February 13, 2015

Star Wars #2 и Darth Vader #1

Значи, многу им се радувам на новиве Star Wars стрипови! Првиот број од минатиот месец ме заглави на прво читање, да треба да ѕиркам на календар кога е следниот наслов. Star Wars #2 продолжува храбро и удобно да се сместува во просторот по A New Hope и во овој број сето тоа изгледа уште поприродно, и покрај тоа што има некои моменти кои читателот ќе треба да одлучи како да ги прифати. 

Освен тоа што ја носи акцијата еден чекор подалеку од воведот во првиот број, го има првото соочување со Вејдер и Лук откако Кеноби ќе "стане едно Силата". Лук освен лајтсејберот кој го наследи и веројатно го уклучил уште неколку пати додека не сме гледале, нема никакво друго искуство, што е апсолутно недоволно да стане со такво оружје пред некој како Вејдер. Но, свесен е дека стои пред некој што му е непријател, и решен е по секоја цена да го одбрани тоа што му е предадено. Целата сцена се обидува да ја отслика храброста на Лук и зошто токму тој е новата генерација Џедаи, меѓутоа исто така пркоси на неговата "вистинска" прва средба со извадени сејбери, што ја видовме во The Empire Strikes Back. Во филмот, сцената е доволно моќна како таква, така што сосема е "безбедно" ова во стрипот и воопшто не може да ја расипе. Репликите на Вејдер се сурови, карактеристични за ликот како што го знаеш од филмовите, пред ја почне да ја покажува неговата "поведра" страна. Баш и тука негде, во Star Wars #2, е моментот кога самиот Вејдер почнува да се сомнева дека има нешто повеќе во ова смеѓо селанче од Татуин...


Darth Vader #1 се случува во исто време со главниот Star Wars стрип, само што очигледно, од аспект на Вејдер. Како што е во насловот, да. Стрипот отвара со еден познат сетинг и кадар, со отварањето на портите во палатата на Џаба. Дарт Вејдер оди да среди некаков бизнис со гнасниот дебел Хат, не за Империјата, туку станува збор за нешто лично. Целата сцена прави одлични паралели со Return of the Jedi, и покрај тоа што можеби под сето тоа, ќе успееш да најдеш сто пати искористени референци со кои публиката би се навлекла уште повеќе. Јеби га, овие трикови очигледно имаат ефект кај мене, па како што ги вртев страниците, веќе почнував да си ги чешам рацете за вториот број. Особено поради тоа што крајот содржи фин пресврт, исто паралелен со нешто друго што го знаеш од филмовите, меѓутоа доволно интересно и покрај тоа што исходот е веќе познат.

Darth Vader се занимава со уште една друга работа, а тоа е одговорноста на избраниот Сит Лорд за уништениот Death Star. Од кај ќе го платат вториот, освен ако нема банкомат на торзото? Интересен, стварно интересен почеток. Сомнежите за Лук, траумите од Татуин, односот со "шефот" и воведувањето на некои нови ликови, прават една убава подлога за понатамошен развој. Вејдер е доволно комплексен негативец, со многу ствари под црниот шлем и оклоп, а гледам дека сценаристите имаат идеи како да го возат тоа во броевите што следат. 

Од новите Star Wars стрипови што Marvel ги буткаат моментално, останува уште Princess Leiа. Искрено, немам некои големи очекувања за ова. Ми делува како да се обидуваат да фрлат нешто и кон женската публика (не дека ова е ексклузивно за еден пол, не!), ама сигурно ќе го прочитам и веројатно следам и тоа, така што ќе пишам нешто штом излезе. Не знам која посебна приказна би ја раскажувале со Леа, па затоа ќе мора да почекам и да дознаам.

No comments: