March 21, 2015

Aliens (1986)

Единствениот филм што до денес може да стои гордо до Alien. Џејмс Камерон не само што во целост ја користи формулата на оргиналот, туку успешно додава еден цел свет врз темелите на Ридли Скот. Alien и Aliens прават една кохезивна целина, така што споредбите помеѓу двата веројатно би биле излишни. Двата засекогаш го имаат сменето начинот на кој се создаваат вакви филмови. Ако првиот ги дефинира стандардите за научно-фантастичен хорор, вториот пополнува неколку страници во прирачникот за правење на акционен филм во рамките на жанрот. Мајсторијата на Џејмс Камерон тука, влегува во историјата и како едно од најдобрите филмски продолженија некогаш направени. 


Рипли се буди 57 години по епилогот на Alien. LV-426, планетата каде што екипажот на Nostromo ќе се зголеми за патник повеќе, е во фаза на тераформирање и колонизација. Наводно, од ксеноморфската закана нема никаква трага. До моментот кога планетата губи контакт, па Рипли заминува со експедиција колонијални маринци да ја испита ситуацијата и да го разнесе последниот ксеноморф на различни делови и страни. Планетата е веќе опустошена, па единственото нешто што вооружената група на Sulaco го наоѓа, е последниот преживеан, девојчето Њут и разбеснети ксеноморфи.

Aliens не само што ја продлабочува целата митологија на универзумот каде што е сместена приказната, туку и ја носи Рипли на едно поемотивно ниво. Овој пат не се потпира само на основниот инстинкт за преживување како во првиот дел. Пожртвуваноста на Рипли за да ја спаси Њут, откако дознава дека ја губи сопствената ќерка, му дава една сосема поинаква димензија на нејзиниот лик. Тоа е најголемата моќ на Aliens (а и неговиот претходник), ликови за кои се грижиш, без оглед на тоа на која страна се наоѓаат и дали се воопшто луѓе. Пример пред кој за жал, Prometheus некако успева да замижи, иако е очигледно на што се обидува да се надоврзе. Ете проста споредба за како никогаш нема да ги надминеш првите два дела, а и прилика уште еднаш да нагласам колку е Prometheus лош.

Режијата на Камерон е феноменална. Можеби ги нема спорите кадри на Ридли Скот, пред сè поради различната динамика на приказната, но внимателно настапува кон сите детали. Акционите сцени се сведоштво за вештините на Камерон кои ги потврдува и со уште едно битно продолжение, Terminator 2: Judgement Day. Штета е што денес овие двајца режисери имаат незавидни остварувања и добиваме филмови како Avatar, ама тоа е. Затоа парите ги ставам на свежата крв како Нил Бломкемп.

Види такоѓе: 

No comments: