March 18, 2015

Очекувањата за Spectre

Бонд се враќа после три години. Деновиве се појави и слика од Даниел Крег во ролка. Ролка каква што Арчер ја признава како тактичка облека. И, каква што Роџер Мур носи во Live and Let Die. Бондовски детал што не го добива заслуженото внимание. Така ли е, Пирс Броснан од Die Another Day? Не знам, сите сакаме да го заборавиме тој филм, Пирс. Ако воопшто ти е тоа вистинското име. 

Spectre излегува во ноември оваа година. 24-тиот Бонд филм, четвртиот со Даниел Крег. Крег е десет години Бонд, очигледен факт што вака кога ќе го кажеш на глас делува ептен.. чудно. Сериозно поминаа толку години? Тоа е веќе сериозен ангажман, со оглед на тоа што е потврден за најмалку уште еден филм. Првиот Бонд во најинтензивните денови од интернет добата. Веројатно избор со најмалку доверба кај публиката, нешто со кое во последно време може да се пофали и Бен Афлек


Мислењата за Casino Royalе беа поделени. Актер различен од темплејтот, приказна без гаџети, малку помрачен... Дури и кенкања за расата на Феликс од фанови како Крапверк. Мене филмот ми е океј, и покрај тоа што постот напишан тука пред седум години има некој благо накурчен тон. Го имам гледано повеќе пати од тогаш и супер е. За жал, Quantum of Solace уште го сметам за едно од најлошите кино искуства. Тој филм не го допрев никогаш пак. Skyfall го доживеав многу поинаку. Конечно го видов овој Бонд како што сакаат да ми го прикажат, и тотално го прифатив тоа. Не е ова Бонд од 90-ти, ни од претходно. Ова Бонд за ова време. Сите тие работи што функционирале некогаш како Бонд, денес би изгледале како Остин Пауерс или некое нискобуџетно срање. Но, пред Skyfall, недостасуваа тие Бонд елементи кои филмот успеа некако да ги врати, или барем да ги прикаже онака како што треба и сакаме да ги видиме. Крајот на Skyfall убаво ја установи ерата во која се наоѓа овој Бонд, со што одлично ја постави патеката по која би требало да се движат следните филмови.

Spectre би требало да биде баш тоа. Продолжението на Skyfall. Следниот чекор во овој "прероден" Бонд. Филмот се повикува на можеби најголемиот непријател на Бонд, организацијата SPECTRE и Блофелд. Ако ги сметаме претходните филмови на Крег како некаков рибут, ова е тој логичен следен чекор. Адаптирана SPECTRE за денешно време би била многу поефикасна од било кој умоболен негативец со смешни дијаманти на лицето што сака да го освои светот или нешто. Да не го повторувам муабетот од постот за Skyfall, ок? Убеден сум дека ако Spectre го следи темпото на градење на Бонд како претходниот филм, ќе биде квалитетно искуство. 

Кристоф Волц е најавен како негативец. Јас и пола интернет сме убедени дека е Блофелд. Продукцијата изгледа го држи вистинскиот идентитет на ликот, како тоа што го правеа со Кан во Star Trek Into Darkness. Не дека сме ние попаметни, туку сериозно би било глупаво да го потрошиш потенцијалот на Волц на лик што не е Блофелд во филм што се вика Spectre. До филмот има време, сепак. Ова и онака 100% ќе го дознаеме во моментот кога Кристоф Волц ќе се сврти седнат во фотелја со бела мачка во скут. До тогаш, чекам трејлер и песна. Едвај.

No comments: