April 12, 2015

Првите два броја на Descender

Овој нов одличен СФ наслов на Image Comics скроз случајно ми заврши во раце. За целата галама околу Descender дознав дури откако го завршив вториот број. Критиките се оправдано позитивни, Џеф Лемир ги заслужува сите аплаузи, а потенцијалот на Descender го препознале и Sony, обезбедувајќи ги правата за филмска адаптација. Очигледно е дека и публиката го одобрува, така што верувам дека ќе следуваат уште многу, многу броеви. Првиот број успеа да ми го грабне вниманието со првите неколку страници, па вториот веќе го листав со онаква детска возбуда. Нема поубаво чувство од она кога толку пријатно ќе се изненадиш од нешто вакво што никако не си го очекувал. 


Десет години пред главното дејствие во Descender, секоја од деветте главни планети од Обединетиот Галактички Совет е нападната од огромени роботи (The Harvesters), чие потекло не можат да го откријат ни најдобрите научници. По бруталниот напад, големите машини исчезнуваат, оставајќи ги цивилизараните светови во руини и страв од сопствените роботи на кои претходно удобно се потпирале. Стравот од поврзаноста помеѓу "домашните" роботи и мистериозните метални титани, го прави секој андроид создаден од човечка рака нелегален и предмет на насилно масовно истребување. Десен години по нападот, во некоја далечна вукојебина, се буди TIM-21, андроид со детски лик, оргинално создаден како пријателски придружник на човечки деца. Тим и уште едно мало роботче што би требало да е некакво домашно милениче, Bandit, се затекнати како единствените преживеани на колонијата, опколени со лешови и еден куп прашања. Прашања за кои како читател, имаш многу малку одговори. 

Додека Тим и Бандит се обидуваат да откријат што се случило, веќе се најдени од група ловци на роботи кои воопшто не се пријателски расположени. Пресвртот доаѓа во моментот кога ќе се открие дека уникатниот "роботски отпечаток" на Тим се поклопува со оној на роботите одговорни за незавидната ситуација на познатиот универзум. 

Descender блеснува во вториот број. Додека Тим и Бандит бегаат од групата ловци, паралелно одат флешбеци кои го објаснуваат потклото на Тим, неговата човечка фамилија и природа. Страници на кои не можеш да не се поврзеш со ликот и да навиваш за него, без разлика што група разбеснети платеници се обидуваат да го уништат. Очигледно е дека евентуалната поврзаност со нападите е нешто за кое Тим и не е баш свесен. Или можеби е, меѓутоа за тоа и било какви одговори ќе треба да чекам цел еден месец.

Сценариото на Џеф Лемир е беспрекорно, а акварелните цртежи на Дастин Н.. Нгај.. Ен.. како и да се изговара, го прават целото уживање уште поголемо. Се надевам дека и понатаму Descender ќе го задржи овој визуелен стил, зошто некако почовечки го прави целиот овој свет уништен од машини. Почит за Image Comics и целата екипа зад Descender, си добија верен читател на уште еден наслов.

Види такоѓе:

No comments: