April 29, 2015

Преглед на Tomb Raider

Еве, после неколку месеци откако почна да фаќа прашина во Steam библиотеката, ја завршив Tomb Raider. Се заиграв тогаш SW: TOR и остана така да дреме, на само неколку саати пред крај. Сега откако е готово со првата авантура на Лара, можам да потврдам дека ова е најдобриот Tomb Raider наслов заедно со тројката и Legend. Можеби е не е фер да ја споредувам со тие две, меѓутоа ми понуди исто такво незаборавно искуство. Приказната, локациите, ликовите... Почнав уште од самиот почеток да се приврзувам за ликовите. Претходните игри не нудеа баш таква можност, зошто нарацијата и фокусот беа на помрднување камења и тегнење јажиња со денови за да отвориш некоја врата. Со огромниот тип во метален оклоп при крај, на бродот, силно се зближивме откако едно дваесетина минути пробувавме да се убиеме. На него му успеваше повеќе пати. 

Почивај во мир голем човеку. Прости ми, исто така. 

Зошто претпоставувам дека сум последниот на светот што ја доиграл Tomb Raider, нема да се воздржувам од спојлери. На крајот, кога Лара зема уште еден пиштол за да го убие Матијас ме удри директно во љубовта кон серијалот. Пукав без врска неколку пати, додека скокав во фотељава. Кадарот додека гомнарот паѓа од карпата и Лара ги држи двата пиштоли во рака? Бесценет. Во тој момент ти е јасно дека веќе е таа Лара Крофт што си ја знаел претходно. Тотално заборавив дека ѝ ги играм почетоците и ова ми дојде како гром од ведро небо. Гром од ведро небо, ти текнуе? Дека Химико? Громови. Ах, нема везе. 

Сега кога играва ме навикна на ваков гејмплеј, не знам колку време ќе ми треба да реадаптирам на Anniversary и Underworld што ме чекаат купени уште зимоска. Впечатокот што ми го остави е толку силен што ќе ми фали овој Tomb Raider

Поздрав из Јаматаи

Следната година излегува продолжението на римејкот. Rise of the Tomb Raider. Кон крајот на оваа година ќе се појави за Xbone, па претпоставувам дека ние од господарската раса ќе ја добиеме некаде на почетокот на 2016. Приказната ќе се надоврзе на настаните што се случија тука. На Лара никој нема да ѝ верува дека некој се обидел да воскресне древно јапонско божество на островот, откако организацијата Trinity ќе се погрижи да ја сокрие секоја трага за такво нешто. Со намера да докаже дека не е нетокму, Лара тргнува да разоткрива митови низ светот. Во продолжението почнува од Сибир. 

Сега сум максимално изхајпан за Rise of the Tomb Raider. Дури и досадниот наслов ќе го простам. Гејмплејот во главно останува ист, со некои подобрувања во делот со преживување и прикрадување. Се надевам само дека нема многу да страда и делот кој го прави насловот есенцијален, ама како што гледам Crystal Dynamic се решени да го тераат патот што го поставија во римејкот.

No comments: