May 19, 2015

Дваесет и шестата сезона и иднината на The Simpsons

Дваесет и шест сезони, еј. Никогаш годините што ги имале The Simpsons не ми делувале така сериозно додека не почнав да го пишувам ова. Да, отсекогаш биле тука присутни, некогаш си ги следел опсесивно, па си ги игнорирал, а си постоеле во позадина... ама дваесет и шест сезони, еј. Голема бројка е тоа. Тука се од 1989. Голема е веројатноста додека беа на врвот на популарноста, уште да си немал историја како предмет во школо. Толку се стари. Малку помлади од мене додуша, ама јас и онака изгледам како да сум се откажал од животот пред седум месеци. 


Сезонава беше одлична. Имаа супер Treehouse of Horror, што секогаш ми бил најзанимливиот дел во сезона, па беа домаќини на Futurama, и имаа гости како Вилијам Дефо, Илон Маск и Кристофер Лојд. Дури ги примија и Rick and Morty во couch gag-от од финалето. Тоа беше еден од подобрите couch gag-ови што сум ги видел до сега, и ако некогаш успеам да ја направам листата на омилените, овој сигурно ќе е меѓу првите. Повеќе пати го гледав тоа, отколку што траеше самото финале. Иако со по некоја филер епизода, многу подобар и погледлив материјал од оној на Мекфарлејн. Очигледно Family Guy се сега во истата криза и неивентивност кај што беа The Simpsons пред години.

Добри се последните неколку сезони откако почнав да ги следам редовно. Нешто се случи со The Simpsons откако наполнија 20 години. Тука некаде и ги стигнав, кога почнаа да се прикажуваат во HD. Пред тоа, квалитетот беше драстично опаднат, уште беа заглавени во 90-ти со хуморот, а околу дваесеттата сезона имаа и проблеми со главните актери кои бараа повеќе пари за да продолжат. Веројатно тука некаде продукцијата има одлучено дека е време The Simpsons пак да живне, и иако далеку од најславните денови, да не ги валка со мрзливо пишувани епизоди. 

Пред да заврши сезонава, Хари Ширер најави дека ја напушта серијата. Тоа секогаш ме занимало, што ќе се случи со The Simpsons кога некој клучен актер ќе замине. Да, наоѓање на замена која ќе може да ги имитира гласовите што ги позајмувал оргинален актер може да биде решение, ама се сеќавам колку беа бесни критиките кога продукцијата размислуваше за нови актери за некое од враќањата на Futurama. Истото веројатно ќе се случи ако не успеат да го убедат Ширер да остане. Многу гласови се тоа. Брнс, Смитерс, Кент Брокман, Нед Фландерс, Скинер, Лавџој, Лени... листата е огромна. Третина ликови можеби? 

Ако не успеат некако (со многу, многу повеќе пари) да го убедат да остане додека е жив и не ја напушти "природно" серијата, The Simpsons нема да бидат веќе исти. А, веројатно, The Simpsons ќе живеат до моментот кога отиде и последниот оргинален глас.

No comments: