November 1, 2015

Нова серија: Аsh vѕ Еvil Dеаd

Еш е еден од оние ликови кои упорно одбиваат да остарат. Не само поради култниот статус на оргиналната Evil Dead трилогија, туку и тоа што Брус Кембел со години изгледа како да се осеќа удобно со моторна пила закачена за пресечената десна рака и "бумстик" во другата. Самоуверено се носи со улогата и неговото место во светот на Б-филмовите. Сем Рејми, мајсторот за крв и вадење органи надвор од нивните демонските сопственици, очигледно ја дели истата страст. Ash vs Evil Dead немаше да биде тоа што е, без двајцата комплетно посветени да се забавуваа на нивното работно место. Двајцата се свесни за тежината на она што го создале пред триесетина година и ова е нивната благодарност изразена кон секој оној што ги поддржувал во меѓувреме.


Армијата фанови на серијалот нема ден одморено од интензивното урлање за враќањето на Еш и неговиот арсенал, па повторното случајно рецитирање на стиховите од Некрономикон го повикува злото од Пеколот баш онака како што сите гладни го очекуваа. Со избежните референци кон корените, Ash vs Evil Dead продолжува во истиот дух, без да се потпира на модернизација и обновување на концепт кој совршено функционира во доменот на сопствените шаблони. Подостарениот Еш (Брус Кембел има 57 години), способен е сам да се справи со она што повторно доаѓа во неговата генерална насока, но за атер на обемот на срањата, поддржан е од неколку нови ликови кои се буквално свежата крв. Луси Лолес е исто така дел од актерската екипа, меѓутоа нејзиниот лик едвај доби минутажа во пилотот. Ќе игра поголема улога, но оставена е веројатно за од втората епизода, па натаму.

Хуморот е исто такa задржан во рамките на Evil Dead 2 и Army of Darkness, што на моменти ќе се запрашаш како воопшто може да функционира како таков. Но, со оглед на внимателниот третман на Рејми и Кембел, не треба ништо да те изненади. Затоа и на почетокот на пилотот бев малку скептичен околу стилот на раскажување, но набргу Ash vs Evil Dead се претвори во она што го вети трејлерот и резултатот е одличен. Веројатно требаше малку време додека се свестам што гледам, бидејќи не успеав да најдам време деновиве да го освежам познавањето од оргиналниот материјал и да се ставам во прикладното расположение. 

Моторната пила на Еш е запалена и назад во употреба, каде што така ќе остане барем десет епизоди колку што ќе трае првата сезона. Освен пилотот кој е 45 минути, останатите епизоди ќе се по половина час, сосема доволна доза на лабава хорор комедија која ќе можеш да ја добиваш на мрзливи недели до крајот на годината.

Види такоѓе:

No comments: