November 14, 2015

Секогаш е "уште една Hearthstone"

Никогаш не успеав да заглавам на Hearthstone како оние што ги запоставија фамилиите за нешто што едвај е Warcraft. Ја играв бетата некое време и од тогаш до пред некоја недела, немав изигирано повеќе од триесетина партии. Далеку сум од фаза во која би требало да заплачам за помош, ама знае да замириса на изгорен тост што ќе ме потсети дека сум заредил повеќе партии по ред отколку што бил планот. Партиите се кратки и брзи, а удобниот амбиент и забавниот фактор на гејмплејот лесно може да повлечат хронична зависност, па така што ќе се затекнеш заглавен со саати, дури и откако ќе ги комплетираш дневните квестови. 


Лани воведоа и "соло авантури" каде што играш со компјутерски противници сместени на познати World of Warcraft локации, како Naxxramas, Blackrock Mountain, најновата авантура The League of Explorers излезе пред некој ден. Авантурите нудат нови сетови на карти од кои дел се добиваат по нивно комплетирање. Секој авантура може да се купи со вистински пари по цена за која уште не сум доволно навлечен за да ја платам, па затоа го користам другиот начин, со златото кое го добивам од квестовите. Но, во моментов го чувам како алчен гоблин зошто планирам да пазарам бустери и да се фокусирам на арена, за да добијам карти со кои ќе ги појачам дековите да не бидат базирани само на среќно влечење. Да, тотално не знам како да склопам асален дек со картиве што ги имам, а за стратегиите што евентуално ќе ми текнат дека би можеле да се интересни, немам карти. 

Hearthstone во моментов е дефинитивно најдобрата игра со карти што нема своја "картонска" верзија. Со тим од петнаесетина девелопери, Blizzard добија нов гигантски продукт кој денес брои над 40 милиони регистрирани играчи и барем пола милион обиди на други компании да станат дел од трендот со слични игри.

No comments: