November 13, 2015

Третата сезона на Hоmеlаnd

Пред три години мислев дека е готово помеѓу мене и Homeland. Повремено приметував дека има нова епизода од тракерите кај што си набавувам ствари за гледање, ќе чуев некој спојлер од луѓето околу мене што продолжија да следат, ама после крајот на втора сезона бев убеден дека сум ја закопал серијата. Со американско знаме и сите почести. Толку ме разочара последното што го видов, за гневно да ја мразам со месеци отпосле и да се грчам при секој случаен контакт. Пред некоја недела, кога сфатив дека ми спласнал душманлакот, чисто од љубопитност ја симнав првата епизода од трета сезона, и чим го читаш постов веројатно е очигледно дека чувствата се сменети. Да, уживам да трошам енерија на сочно пцуење, но овојпат муабетот е различен. Супер си пројдов со овие дванаесет епизоди. Зошто сме 2015, а сезоната е од пред две години, нема потреба да предупредувам за спојлери под сликата.


Третата сезона на Homeland не е втората сезона на Prison Break. Не само што Кери и Броди не бегаат заедно од законот низ Канада, туку и не е мизерно ништожно срање. Сезоната се занимава со настаните кои се неколку месеци по бомбашкиот напад врз ЦИА, за кој нели, Броди е покажуван со прст од целата американска јавност. Додека Броди е во бегство, Кери е назад на работа и ги срка глупостите заедно со преживеаните колеги, кои се обидуваат да ја вратат Агенцијата во целосно функционална состојба. Но, Броди не е во главниот фокус, иако има клучна улога во големиот настан кој се штима уште на почетокот на сезоната. Смел потег е да отстапиш од лик граден две сезони, но исплатлив ако останеш доследен на духот на серијата. А, тука Homeland тоа одлично го изведува.

Има моменти кога серијата повеќе наликува на досадна семејна драма отколку на шпионски трилер, и веројатно ако ги чекав од недела за недела епизодите, тука некаде ќе ми се појавеа отоци на репродуктивните органи. Тоа е поволноста при гледање серија што има целосно излезена сезона, имав заборавено каков е осетот. За среќа, Homeland бргу ја враќа играта, па остатокот е тензична одисеја каде повремено ќе гризеш перница на работ од креветот. Комплетно склопена, со сите детали кои ја правеа серијата толку возбудлива од самиот старт.

Знаев што ќе се случи со Броди, ми кажа некој кога веќе ми беше сеедно и не можев да се грижам помалку. Тоа што не знаев како и кога во текот на сезоната, ми создаде дополнителна напнатост која ми го направи гледањето уште поисплатливо. Не верував дека пак ќе најдам задоволство во Homeland. Погрешниот впечаток ме држел со години настрана од квалитетна серија, која можеби само накратко скршнала од шините Ќе ја изгледам и четврта сезона со надеж дека ќе стигнам да се вклучам пред да заврши тековната петта.

No comments: