November 19, 2015

Четвртата сезона на Ноmeland

По одличната трета сезона и првата епизода од четвртата, воопшто не се сомневав дека Homeland ќе успее да изгради идентитет без Броди. Да, Броди беше клучен лик во првите две сезони, суштински аспект на кој се темелеше серијата, меѓутоа продуцентите решиле дека сепак главниот фокус е националната безбедност, без разлика од каде доаѓа заканата. Уште не проверив зошто се случи тој исчекор, но после толку години, веќе е небитно. Додека Homeland успева да го одржи задоволителното ниво на квалитет, немам проблем. Предизивикот за приказна во која Броди е комплетно отсутен е секако голем, но кога успешно ќе се справиш со тоа, доаѓаш до мирна пловидба. Која некогаш e општ хаос во Исламабад. Ајде, ќе пробам без спојлери...


Постерот за четвртата сезона ми створи малку погрешни очекувања. Немав апсолутно никаква претстава за тоа што ме очекува, па мислев дека има нешто поочигледно во постерот, дека Кери ќе се инфилтрира во некакви џихадистички ќелии, но промашените сугестии ми приредија уште позабавни моменти. Трудот за да се даде некаква цврста причина на сезоната е очигледен, па провокативниот фактор и целата контроверзија се вклопуваат природно и покрај тоа што во неколку наврати осетив дека можеби ќе стапнат во некоја евтино исфорсирана територија, чисто за да се задржи шокирачката вредност. Но, Homeland не се служи со такви проѕирни трикови, туку сите делчиња совршено се вклопуваат.

Самиот почеток директно го разнишува американскиот столб на полу-непријателската територија, со воздушен напад на свадба каде што мета е озогласен терорист кој можеби не ни бил воопшто таму, а е причината за огромна колатерална штета и заебан автогол. Пресвртите демнат од секое ќоше на тензичната приказна, интригите се забиени во секоја пора од размрданите структури на ЦИА и ИСИ, па буквално не можеш мирно да издишиш. Пламенот е многу поинтензивен него претходно, па сите мерки се целосно оправдани. Можам да замислам колку добро телевизиско искуство било ова за сите што чекале по една недела за нова епизода.

Клер Дејнс е моментално најдобрата актерка во серија. Ликот што го глуми е премногу комплексен и бара само посветен талент што ќе може да го пренесе толку језиво реално. Дејнс е феноменална и брилијатно се носи со сите потресни пластови од биполарната, често нестабилна Кери. Квин (Руперт Френд) е потребната рамнотежа во критични моменти, лик што осуството на Броди го прави неприметно и ја зацврстува траекторијата по која сега шиба Homeland. Не дека не беше битен и пред тоа, меѓутоа го доживував повеќе како позадински лик, без оглед на тоа што беше во фокусот на некои клучни случувања. Овде е целосно искористен и прописно истретиран. Се надевам дека и во следната сезона го добива истото внимание.

Некои ликови беа жртвувани за атер на приказната, ефектот е секако постигнат, особено ако си успеал доволно да се приврзеш. Други висеа на работ повеќе пати, да не ми беше познато кој продолжува понатаму, веројатно ќе фрлав со чевли кон телевизорот. Сè на сè, одлично. Многу подобро од што можев некогаш да замислам.

No comments: