January 9, 2016

Вовсталгија

Нешто повеќе од година откако последен пат трчав низ Дренор, ми дојде желба за WoW. Опциите беа да се претплатам барем на еден месец со ризик ќефот да ми пројде за неколку саати, или да се обратам на некој приватен сервер. Во зенитот на тој порив за воздухот во Азерот, се зачитав нешто за славните Ванила денови. Неколку пати до сега сум пробувал да играм на Ванила приватен сервер, 1.12 верзијата, но ништо не беше како во легендите или како тоа што го имам искусено во 2007 на ист таков, пред добрите пирати да успеат да кренат функционален The Burning Crusade сервер. Истражив наоколу и налетав на Nostalrius, сервер што исто така нуди Ванила 1.12 и според девелоперите и заедницата е речиси ист како што некогаш била играта. Покрај тоа, статистиката за популацијата ветуваше дека нема да талкам два саати низ пусти зони пред да ја избришам верзијата засекогаш. Совршеното место за малку WoW, си реков. Зошто ми е веќе здосадено од почетните Хорда зони, а и онака имав намера да потрошам само неколку саати, избрав Гном. Гном Мејџ, мал и со смешни бркови.


Зошто почетната зона на Гномите ми е крајно досадна (во Ванила почнуваат заедно со Џуџињата, мислам дека сега не е така?), решив со моите кратки гномски нозе да отпешачам до Елвин, каде што почнуваат луѓето, каде што беше и мојот прв Ворлок. Назад на корените, нели? Авантурата ме однесе преку подземната железница од Ајронфорџ до Стормвинд, каде што бев изненаден од бројот на играчи. Целиот пат од смрзнатиот Дан Морог до Нортшајр изгледаше како играта да лансирала пред една недела. Толку народ никогаш немам видено на приватен сервер, а не па на оргинален. Можеби пола од тоа што го видов тука, имаше дента кога излезе Warlords of Draenor. Живо е во секоја зона, луѓето се дружељубиви, ниту еден квест не завршив сам зошто групирањето е сосема нормално, баш како што Blizzard ја замислиле играта на почетокот. Играчите се истите тие што се тука поради истата носталгија како мене, возрасни луѓе кои решиле да се потсетат на "славните денови". Нема серковци, или барем има некаков филтер кој не ми овозможи контакт со било какви токсични кретени. 


Емулацијата на Ванила е крајно прецизна, па играта е прилично тешка. Денес можеш да ги извадиш јајцата и да ги трескаш од тастатура и да преживееш во рејд. Тука треба да регенерираш мана после секоја борба додека групата те пази, да си пријателски расположен кон заедницата ако сакаш помош и немаш глупава стрелка за да ти каже каде треба да убиеш 10 свињи, туку ќе си го прочиташ убаво квестот. Така било замислено од почеток, така и си функционира. Ако не си сигурен што треба да правиш, прашај го Пристот што бере цвеќиња подолу или на глобалниот чет и ќе добиеш одговор. Заедницата е толку добра што воопшто нема потреба од било каков ад-он за квестовите, битно е да комуницираш. Затоа е MMORPG. Четири саати на Nostalrius ми беа позабавни од четири месеци на оргинален сервер, но тоа е само мојата лична преференца. Ако си навикнат на зјапање во мини-мапа за насоката на квестот и сакаш да тераш соло, тука го нема тоа. Тука е хардкор, баш како што треба да биде игра што има MMO во жанрот. Жалосно е што Blizzard се оддалечи од овој модел за да го задоволува мнозинството и да разгалува со ствари на тацна.


Да, денес играта е поисполирана, 1.12 изгледа многу попримитивно, но некако полесно се поврзувам со овој свет овде. Ванила не ги дава ни достапните квестови на малата мапа, па мораш да го провериш секое ќоше за нов квест. Она што исто така ми фали од тоа време е циклусот на ден/ноќ и интензитетот на временските услови. Порано ноќите беа темни и денот течеше како времето на серверот. Навечер е темно, а ако си заглавил со играње до сабајле ќе видиш и како зазорува во Азерот. Дури и музиката е различна во одреден дел од денот. А, кога паѓа дожд, се крева и магла од која потешко гледаш. Ова денес го нема веќе, ноќите се значително осветлени, а дождот едвај се приметува. 


Nostalrius е млад сервер, не постои ни една година, а моментално е најпопуларен меѓу Ванила серверите. Поделен е на PvP и PvE, но вистинската забава е на PvP серверот каде што сум јас. Има околу десет илјади играчи во секој момент (наспроти тие илјада на PvE), скриптиран е да понуди автентично Ванила искуство и има минимален број на багови. Нема гласање за бесплатни добра и нема бенефиции за донаторите кои го одржуваат да биде бесплатен. Читав по форумите, зборував со луѓе, и речиси сите се задоволни од тоа што се нуди тука. Искуството е феноменално ако си сигурен дека ова е тоа што го бараш од играта. Со оглед на тоа што не планирам да се вратам на оргинален сервер пред да се осигурам дека Legion не е комплетно промашување, ова ќе биде мојот WoW крекхаус каде што ќе ја добивам дозата кога ќе ми затреба.

No comments: