January 28, 2016

Први впечатоци oд Wоrld оf Wаrcrаft Мiniаturеѕ

Конечно ми се пружи прилика да играм World of Warcraft Miniatures Game. Во времето кога беше популарна не можев да си ја дозволам покрај Magic: The Gathering, па сосема имав заборавено на ова. Вчера колега трупна огромен дрвен сандак со фигури на работа, па како екипа која своевремено поминувала низ WoW зависност, не губевме многу време пред да им се нафрлиме. Играта е одлична. Фигурите се детално изработени ликови од Warcraft и пред да биде прекината во 2009, пуштени се околу 130 во оптег. Секој е уникатен, со сопствени атрибути и магии. 

Правилата се едноставни, иако можеби е мал предизвик додека се совладаат. Целата е да завршиш насмеан и со средни прсти вперени кон разочараниот противник, а тоа го постигнуваш со поени чиј збир одговара на honor поените кои ги има секој твој херој, или ако играш тимски, збирот на херојскиот honor од твојот тим. Поените се постигнуваат со уништување на противнички херои или освојување на поле од хексагоналната мапа (која патем може да се модифицира според потребите и вкусот). Разочараниот противник бев секако јас. Има коцки кои упорно ги вртам спротивно од тоа што ми одговара, а уште не сум целосно удобен со правилата тука за да можам да го изведам еквивалентот на крадење и пикање пари од Монопол во ракав, кутија цигари, чорап и газ. 


Механиката е совршена. Секоја акција (магија, напад или некојa способност својствена за самиот херој) е одлично избалансирана со одвивањето на потезите. Има еден глобален бројач што ги одредува круговите на партијата и оди од еден до десет. Пример, доколку бројачот е на второто "отчукување", а акцијата на херојот што сакаш да ја играш чини 5, следното играње со тој херој ќе биде на седмото "отчукување". Колку е помоќна, толку подолго херојот чека до следниот потег. Доколку нема херој кој може да игра на моменталното "отчукување", бројачот се поместува на следното. Играта оди до таму што има и акции кои можат да ги контролираат овие "отчукувања", па со добра стратегија можеш да ги одложуваш потезите на противникот за по некој круг додека си даваш предност на себе. 

Има три фракции кои ги опфаќаат сите класи од World of Warcraft, а играта те охрабрува да го користиш и "светото тројство" составено од tank, healer и DPS. Верувам дека можеш да создадеш стратегија и со четири шамани, меѓутоа гледавме да опфатиме сè. Паладинот е одличен за лечење на слабите мејџови, а некогаш ти е потребно и нешто што ќе го изеде ќотекот наместо ворлокот кој го користиш за споро, систематско уништување на противничкиот прист. Има многу комбинации кои можеш да си ги прилагодиш на стилот на играње, но претпоставувам дека најбезбедната опција е тимот да има од сè по нешто. 


Имаме една мапа во моментов, Танарис, која доаѓа со големиот Core Set кој содржи и неколку фигури по случаен избор. Гледам дека постојат и официјални Ешенвејл и Винтерспринг мапи, но со малку креативност, слободно време и талент за да не изгледа како да си ја цртал нозе, можеш да создадеш своја. Видов некои 3D мапи кои изгледаа импресивно. Нема лимит на хероите кои можеш да ги користиш, но за партијата да биде подинамична на "фабричката" мапа, згодно е секој играч да има по два. Постои и некој Starter Set со четири фиксни херои, доволен за двајца. Фигурите си имаат посебна колекционерска вредност, па ќе се потрудам да набавам нешто за себе.

Штета што играта веќе не се произведува. Иако тие 130 херои се сосема доволни (колегата ги поседува повеќето), Warcraft универзумот има огромен потенцијал што ете, останал неискористен до крај. Следно во план за играње ми е X-Wing Miniatures, па ќе се потрудам да пишам нешто повеќе и за тоа.

No comments: