February 7, 2016

Епа, нема Rise of thе Тоmb Rаider...

Ништо од Rise of the Tomb Raider. Моменталната цена ми е некако превисока за десетина саати, мислам ќе отидам сам на вистинска арехолошка авантура за тие пари (добро, најверојатно нема), а кракната PC верзија тешко дека ќе се појави во брзо време благодарение на лешперската Denuvo заштита. Колку месеци пројдоа од Just Cause 3 и уште нема крак, три? Немам проблем со расфрлање пари за игри, ама некако полесно ќе го отворам новчаникот за 10 инди игри што никогаш нема да ги инсталирам каде што поголем дел од парите ќе одат кај колегите девелопери, отколку за извршните директори на Square Enix

Другата опција ми е да режам дискови за пиратскиот Xbox или во склоп на мојот балкански менталитет, да почекам попуст. А, зошто веројатно ни едното ни другото нема да се случи деновиве, посегнав по старите артефактски Tomb Raider игри што ми фаќаа прашина купени одамна. 


Tomb Raider Anniversary ја играм првпат. Океј, втор пат ако се важат неколку минути пред години. Не? Океј, значи првпат ја играм Anniversary и ме врати во едни поедноставни денови кога игрите беа покомплексни и предизвикувачки. Особено Tomb Raider. Кога наместо да брцаш во ѓубре за да си ја подобриш стрелата, треба триесет пати да ти капне солза од фрустрации кога Лара ќе тресне на земја од високо пред да го потегне јажето што ја отвара камената врата пред која си дремел со саати. Нема да убиеш четрсто парамилитарни бараби, ама ќе скокаш наназад од мечка што ќе те усмрти со два удари. Мечка, што поради заборавени багови некогаш и ќе се заглави во ѕид трчајќи. А, некогаш и Лара ќе се заглави во воздух. 

Anniversary има еден куп багови и гличови. Издавачот се потрудил да напише срцепарателно писмо до фановите како овој римејк на кецот ќе ти го стопи срцето и колку напорно работеле на играта и општо целиот серијал, но очигледно некој заборавил да ја игра пред да биде пуштена во продажба. Не дека пречи којзнае колку, но некогаш некој таков баг ќе ти го сјебе прогресот додека кажеш "quality assurance". 


Предизвиците се интересни, но ако го споредиш ова со тие што следуваа отпосле, прилично е лесно. Или од толку играње, некако интуитивно знам како би можел да ги решам енигматските древни технологии кои од некои сомнителни причини и племенски одлуки се наоѓаат во егозтични храмови и гробници. Но, сепак доволно се комплексни за да понудат многу повеќе од обично носталгично патување. Иако Anniversary е скоро десет години стара игра, изгледа достојно и денес. Да, се осеќаат години на енџинот што беше искористен за Legend, меѓутоа  нема полигони што отскокнуваат од местото во кое се замислени да припаѓаат. Нема триаголнести облини, ако ме разбираш што сакам да кажам. Освен тоа, играм ванила WoW, модернава графика ми е само бонус.

Додека падне цената на Rise of the Tomb Raider или најдам временска машина за да се вратам во 2009 за да купам празни дискови и уред што ќе ми ги изреже, ќе играм ова. Ја имам и Underworld така што нема да останам без Tomb Raider.

No comments: