May 2, 2016

Бетмените на Тим Бартон

Барем еднаш годишно мора да ги испочитувам Batman (1989) и Batman Returns (1992) на Тим Бартон со ритуално гледање. Секогаш се забавни, и покрај тоа што поминатото време малку ги има застарено. Ниту тој универзум на Бартон кој што изгледа како да е домот на секој негов филм, нема безвременски имунитет. Но, сè уште има останато доволно количина од магијата која секое гледање го прави фино и пријатно. Да, последните десетина години свикнав на малку поприземјени интерпретации на Бетмен, меѓутоа љубовта кон овие нео-готски бајки на Бартон остана недопрена. Дури беше и причината за долго време да го одбивам Batman Begins

Токму овие два филмови се темелите врз кои подоцна ќе се воздигне еден цел жанр. Мејнстрим популацијата која до тогаш ги знаела Бетмен и Робин од онаа шарената серија со Адам Вест и Бурт Ворд во хеланки, одеднаш е затекната од црна темнина. Мрачниот тон на Бартон, за кратко станува ултра-популарен. Краткотрајниот залет со "суперхеројски" филмови во раните 90-ти е директно инспириран од првиот Batman. Darkman, The Crow, Spawn, Steel, сите се на некој начин продукт на она што тогаш Бартон го воспоставува во поп културата. Барем до оној момент кога ќе биде прегазен од истото тоа што го има изродено, но со Џоел Шумахер зад воланот.


Но, пред Бартон да го убеди светот дека ќе испорача добар Бетмен, публиката била скептична. И, тогаш, пред интернет добата, постоеле интернет серковци кои не можеле да го прифатат кастингот на Мајкл Китон како Бетмен, а уште помалку Бартон како режисер. Едниот доаѓал од комедии, а другиот бил одговорен за Pee-Wee's Big Adventure. Додека траела продукцијата, студиото постојано се соочувало со писма и петиции на изнервирани фанови. Никој не сакал да добие Бетмен како Адам Вест, а стравот бил токму поради тоа. Подоцна во кината изглегува краток тизер на филмот каде што е очигледно дека фановите на стрипот добиваат мрачна верзија на Бетмен, баш како што неколку години претходно е оформен од Френк Милер и Алан Мур. Тие кои кенкале за кастингот и Бартон, сега плаќале билети во кино само за да го гледаат трејлерот. 

Бартон од Китон прави феноменален Бетмен. Иако Китон е физички далеку од два метри висок и метро широк човек облечен како џиновски лилјак, тоа е генералната слика за Бетмен која подоцна ќе биде преточена во стриповите и на секое друго место. Костимот е веројатно најдобриот Бетмен костим во било која филмска адаптација. Истото можам да го кажам и за Бетмобилот. Тамблерот на Бејл или што и да беше она што го возеше Афлек, немаат ни отприлика ваква иконска тежина како ова што Бетмен го вози низ магливиот, ладен арт деко Готам додека во позадина цепа музиката на Дени Елфман.


Универзумот на Бартон има сопствени "правила" кои се надвор од реалниот свет. Па, затоа сè во овие два филмови, дури и негативците функционираат според нив. Затоа Кетвоман е повеќе пати "отпорна" на умирање и Пингвин создава подземна армија од криминалци и вистински пингвини, може да се кандидира за градоначалник на Готам и малкумина да имаат проблем со тоа. Поради истото, Џек Николсон беше најдобриот Џокер, барем додека не се појави Хит Леџер. Сепак, и покрај брилијатниот перформанс на Николсон и сè што е првиот Batman, Returns ми е за некоја нијанса подраг. Развојот на Брус Вејн и Бетмен можеби останува во место (Бетмен е веќе етаблиран како лик уште од првиот филм), меѓутоа прогресот доаѓа со вештината на Бартон да си игра удобно и самоуверено со останатото. 

Returns е побизарен во секој поглед, помрачен и посериозен, што на моменти ќе те натера да заборавиш дека во исто време се обидува да биде и божиќен филм. Бартон тука експериментира со деталите во вистинска насока, што е навистина штета како Batman Forever паѓа во рацете на Шумахер. Не дека Бартон имал подобри идеи за третиот филм, но Шумахер се покажа како директно одговорен за смртта на тогашниот филмски Бетмен. Студиото и покрај одличната заработка и планетарниот успех, решава да земе друг правец и да ги прилагоди идните филмови за помлада публика (која веќе ја имале), по што Бартон и Китон заминуваат на други проекти.

Види такоѓе:

No comments: