May 21, 2016

Гледам Флеш

Во ред. Навечер кога сите ќе заспијат, се мотам во едно црвено ќебе и гледам The Flash. Да, новава The Flash серија, за која две години зборам дека е за девојчиња и тинејџери. Ова трае околу еден месец веќе. Ја изгледав првата сезона. Морав да признаам за да ми олесни. Да, знае да е лоша, но е и крајно забавна во исто време. Не е Daredevil, не е Breaking Bad, нема да ти го смени животот, меѓутоа ако ти се гледа нешто лабаво пред спиење, ова е тоа "виновно задоволство". Како цртан филм е. Ликовите, науката, логиката, дијалозите, сè е така наивно и детски. И, супер е ако ја прифатиш како таква.

До "Out of Time" епизодата не ни приметив дека има арк целата сезона. Добар дел од епизодите ги заспивав и не ги продолжував следниот ден. Но, "Out of Time" тотално ме завлече. Ми стави патување низ време на тацна и ги сркав следните неколку епизоди во среде ноќ, поспан и замижан со едно око. Тогаш сконтав дека и покрај просечната реализација на серијата, има некаква поголема слика во позадина. Можеби е изведена малку тромаво, но функционира. Првпат осетив некоја тензија во приказната и се соочив со мојата љубов кон ликовите чии имиња имав проблем да ги запамтам претходно. 


Кога ќе се научиш да ја сакаш серијата, тогаш ги гледаш сите детали кои на површината изгледаат безначајно. Дури и кога се обичен фан сервис во вид на референци кон поп култура. Сиско, покрај тоа што има оружје склопено за секој негативец пет минути откако ќе се појави во епизодата, има и еден куп реплики што некогаш ќе намигнат кон публиката. Јасно ми е дека The Flash дели гледачи со други серии и филмови, само што некогаш делува премногу евтино кога експлицитно ќе го нагласат. Но, од друга страна има фан сервис моменти што се сосема океј. Татко му на Бери е Флеш од оргиналната серија, Марк Хамил е исто така Трикстер од таму, а ги има и браќата Скофилд од Prison Break. И, кул е кога тие ликови ќе станат "свесни" за нивното место во поп културата и како публиката ги перцепира. 

Имаше и еден таков момент со Брендон Рут (Супермен од Superman Returns, разбирам ако никој не се сеќава на филмот) кој во овој универзум овде е Атом. Пред да слета, ликовите се прашуваат дали е птица или авион. Такво суптилно кршење на "четвртиот ѕид" е сосема во ред. Симпатично е. Меѓутоа Сиско мора некогаш да ќути. Заморно е. Разбирам дека ликот е напишан така за да може публиката да се идентификува со него, ама тоа потенцирање на очигледното станува досадно после првите 117 пати. 

Покрај ликовите, развив толеранција и кон актерите. Можеби не се најталентираните што телевизијата ги има видено, но со оглед на концептот на серијата, подносливи се. Грент Гастин е одличен како Флеш. Немам нешто со кое можам да го споредам, меѓутоа успеа да ме убеди. Ајрис Вест уште не можам да ја сварам во целост, но претпоставувам дека ситуацијата на ликот до крајот на сезоната е одговорна за тоа. Или едноставно актерката нема харизма, ниту пак некаква хемија за да се носи со остатокот од екипата. 

Ќе продолжам и со втората сезона. Веќе е спремна за гледање, а финалето е следната недела. Всушност, ова мое заглавување со The Flash беше баш поради една епизода на Кевин Смит од втората сезона. Го сакам Кевин Смит и знам колку е фан. Толку беше возбуден околу режирањето, што не можев да останам рамнодушен на тој ентузијазам. Планирав да ја гледам само таа епизода чисто за да видам што може да направи од ваков материјал. И, ете, се навлеков додека чекав да излезе. Сега ќе си ги гледам по ред до таму. Додека си ги јадам сите срања за серијата што ги кажав, се разбира.

2 comments:

Naum Nikolovski said...

Забавна е бе :) Си вози супер, за разлика од Arrow. Гледај втората, си има добри моменти, а на Кевин Смит епизодата е одлична, мада има фалинки. Ок си е Флеш, камо среќа сите серии на DC вакви да им беа.

Bojana said...

Фала за интересните факти околу актерите, добра рецензија :)