June 4, 2016

Пост-трауматските растројства од Insurgency

Мркли мрак. Со Наум и Бојчо чуваш сандак со оружје и муниција во некоја рушевина што сте ја освојувале четириесетина минути. Потполно е тивко, истрелите се стивнати. Единствено што можеш да чуеш е сопствениот забрзан пулс. Го слушаш преку слушалици. Бавно пушиш цигара за да останеш смирен. Од другата страна повремено ќе се чуе мачорот на Наум како жали за изгубените јајца. Само што ти дошло да воздивнеш длабоко во знак на конечната победа која доаѓа следниот миг, пука ракета. Сега сте сите мртви. Пцуеш и почнуваш отпочеток.


Insurgency не е CS:GO. Insurgency е симулатор на урбана војна каде постојано имаш близок контакт со непријателот. Ако сакаш да останеш жив треба да си тивок, трпелив, фокусиран и прецизен. Да ја користиш околината за да се засолниш, да го штитиш тимот додека се пробива кон непријателот и да водиш сметка уште колку муниција имаш до следното репетирање. Секоја акција мора тактички да биде пресметана. Некогаш е доволно само еден куршум за да те усмрти. Некогаш те усмртува ракета, нож или Наум по грешка. Војната е пекол, нели?


Играта има доволно модови за две недели да сонуваш различен кошмар. Некои ноќи се будиш испотен од мапата каде што треба постепено да освоиш неколку точки за победа. Некогаш си на напуштен пазар на Блискиот Исток со мисија да елиминираш 24 непријатели со твојот тим од едвај осум луѓе. А, во секој мод на играње, твојата улога во тимот е битна. Не може секој да биде снајперист. Оружјата и опремата што ќе ја користиш на мисијата ти се определени според улогата што планираш да ја играш. Затоа координацијата на почеток не треба да се занемари. Арсеналот ти е ограничен.


Покрај официјалните мапи и модови, Insurgency има доволно голема посветена заедница која придонесува со креирање на сопствени. Сакаш да колеш нацисти со бајонетот на пушката во Втора светска војна? Нема проблем, има мод што нуди епска битка низ канали и куќарки со огромни тимови. Моментално ми е најзабавната пуцачина. Ептен отскокнува од стандардното трчање и пукање на кое сум навикнат. Тука не можеш ни шаржер да смениш додека трчаш. Мора да клекнеш скриен додека другарчето се грижи да не ти го разнесат мозокот на ситни делови.

No comments: