July 25, 2016

Околу Justice League филмот

Чичковците ангажирани за третманот на филмските адаптации на DC Comics изгледа конечно си ја научија лекцијата откако Batman v Superman: Dawn of Justice ја подели публиката и фановите на Marvel им се изнасмеаа во лице. Јас никогаш немав некој сериозен проблем со мрачниот тон и отсуството на хумор во последните DC филмови. Проблемите беа поинакви и веќе сум преморен за да ги дискутирам пак. Но, судејќи според трејлерот за Wonder Woman филмот и краткиот тизер со сцени од Justice League, очигледно e дека стварите се движат во нешто поинаква насока каде што се осеќаат траги од стапките на филмскиот универзум на Marvel.

Видеото е така скроено, да одлично ја прикажува динамиката и карактеристиките на ликовите. Особено оние кои првпат се вака на филм. Marvel тоа го градеа постепено, филм по филм, па ги собраа сите на куп, ама некако имам верба дека и овој тазе ансамбл тука ќе биде поеднакво функционален. Ја мразам споредбава, меѓутоа е толку ни е врежана во перцепцијата како публика што не можам да ја заобиколам.


Добро е да се види полабав Бетмен. Бетмен што ќе испорача хумор, без разлика на тоа колку е циничен. Секаде каде што е Брус Вејн во видеото, може да се види дека Бен Афлек е уште поудобен во улогата. Дури има и една искрена насмевка кога Бери ќе го потврди учеството во Џастис Лиг како Флеш. Тоа не значи дека нема да ги скрши забите ако му застанеш на патот, Бетмен е, ама фино е некогаш да го видиш така искулиран. Веројатно и правецот на филмот го диктира тоа. Ако во BvS беше гневен и на крволочна одмазда за смртта на Робин, тука делува како да сака да се искупи со тоа што ќе го спасува светот од закана пореална од Супермен.

Бери Ален е исто кул. Дури има и мало скривалиште со монитори на кои меѓу другото, си гледа и Рики Морти. Кастингот ми е сосема океј и покрај тоа што толку многу го засакав Грент Гастин и мислев дека нема да можам да гледам друг Флеш. Костимот е малку чуден, повеќе е како оклоп, но додека е црвен и со жолт гром на градите, немам проблем. Повеќе имам проблем со тоа што кога ја користи моќта, светкавицата е плава. Можеби ќе го средат во пост-продукција, а можеби беше само во оваа сцена таква. Или зошто повторно филмот е со ограничена палета на темни бои, им изгледало чудно да биде жолто-црвено, еве не знам.


Аквамен е најзаебаниот дел во видеово. И, најмрачниот. Потемен е дури и од самиот Бетмен. Аквамен. Истиот Аквамен на кој му се смеат сите, тука изгледа како да му е прекурчено. Пие, импулсивен е, и веројатно нема да има проблем да ти тресне празна флаша од глава ако пробаш да се заебаваш со него. Бев малку скептичен за тоа како ќе се вклопи Џејсон Момоа во улогата, ама сега мислам дека сум убеден. Едвај чекам да видам како ќе се справат и со неговиот самостоен филм. 

Сајборг ми е најчудниот член на Џастис Лиг. Иако ги исчистав скоро сите Justice League броеви од Новите 52, никогаш не успеав да се поврзам со ликот на ниво на кое ќе ми биде гајле за него. Затоа само ќе се воздржам од коментари и ќе оставам филмот да ме изненади. Грин Лантерн воопшто го нема. Не сум во тек што се случува на таа тема. Можно е да го откачија скроз за филмов? На првата официјална фотка тимот е без него, а во Batman vs Superman го немаше на фајловите за мета-луѓе, ако добро се сеќавам. Можеби и паметна одлука. Со него филмот би бил пренатрупан.

Од Супермен исто така нема трага во видеото, но сосема е разбирливо зошто нели умре и веројатно ќе се врати некаде во втората половина од филмот. Претпоставувам откако Бетмен ќе го собере цел Џастис Лиг, па Супермен ќе стане од гробот кога најмногу ќе им затреба. Се надевам дека овојпат и Супермен ќе го погодат како што треба. Трета шанса е DC, ајде, можете вие. Ептен сум возбуден за ова, и сакам да верувам дека нема да оплескаат. Ноември 2017 изгледа толку многу далеку...

No comments: