October 19, 2016

Океј, кој ги расипа роботите во Wеstwоrld?

Обично првата работа што ја зборам кога станува збор за римејк или рибут или како и да сакаш да ја наречеме оваа криза што последниве години е надвисната врз мејнстрим телевизијата и Холивуд е колку се пресушени оргиналните идеи, како не треба да се прави ова веќе, бла бла... Мислам, како да е наше право тоа, на публиката и ние да одлучуваме за тоа. Изборот е твој дали ќе го сркаш тоа или ќе бараш алтернатива за забавата што доаѓа од тие медиуми. Има исклучоци секако, само што мачно ми е веќе да дискутирам за ова. Тоа не значи дека нема пак да го спомнам истово и во следна прилика, ама со други зборови.

Westworld е нова серија oд продукцијата на HBO, базирана (ете гледаш, мора да е базирано на нешто) на истоимениот филм од 1973. Еден од оние филмови по кои сум посегнувал кога ми било до нискобуџетен научно-фантастичен треш. Режисер и сценарист е сега покојниот Мајкл Крајтон кој подоцна ќе доживее уште една адаптација на неговите книги, позната како Jurassic Park филмскиот серијал. Може го знаеш.


Има многу едноставна и кул приказна. Во иднината, постојат забавни паркови за возрасни кои се населени од интелигентни роботи. Еден таков е и Вестворлд, со тематика од Дивиот запад каде што посетителите може да си "играат каубојци", да ги убиваат роботите каубојци, да имаат секс со нив, да се пијанчат по салуни... Типичен вторник западно од Мисисипи. Бар додека не се расипе еден од роботите и почне да ги убива здивените посетители, секако. Јул Бринер е феноменален како избагираниот роботски каубоец во филмот, до тој степен што послужил како инспирација за Мајкл Маерс во Halloween и Шварцегенер во The Terminator.

Можеби не е најдобриот филм од тој жанр и тоа време, меѓутоа идејата е очигледно доволно забавна за да не се бунам како новата серија ја третира. Барем во овие три епизоди колку што се излезени и за кои не успеав да се воздржам и да почекам да бидат повеќе за маратонско гледање. Темата е иста, но ваков телевизиски формат дозволува многу повеќе од основната. Филмот ми е многу свеж зошто го гледав додека чекав да се соберат епизоди, па откако HBO ќе си ја завршат работата која вклучува почитување кон изворниот материјал на почетокот, почнуваат си подлабоки маневри. 

За разлика од филмот, серијата има малку поинаков, посовремен и посериозен пристап кон постоењето на вештачката интелигенција. Пак нешто ги расипува синтентичките жители на Вестворлд, се шири како вирус и дефинитивно преставува закана за посетителите, но овојпат позадината е многу поголема. Дел од нив почнуваат да развиваат нешто што личи на некаква рудиментирана свест, да памтат избришани верзии нивните претходни софтверски билдови и да се однесуваат "послободно" отколку што програмерите им овозможиле. 

Да, секако дека има некаков заговор околу паркот и тоа ја прави серијата возбудлива. Барем сега за сега. За да биде уште позабавно, постои и постетител (феноменална улога на Ед Харис), очигледно базиран на ликот на Јул Бринер од филмот, кој е во потрага по некаква тајна што наводно Вестворлд ја крие. Филозофските теми што серијата не толку суптилно се обидува да ги прошверцува се само бонус. И ова, како и останато може да стане заморно понатаму, ама сум решен да дадам шанса и да видам дали ќе биде една од најдобрите серии за оваа година или една од оние почнуваа добро и се веќе распаднати на сите страни до крајот на сезоната.

Продукцијата, специјалните ефекти, дизајнот на костимите и модерните ентериери се одлични. HBO се расфрлале со пари насекаде како ова да ќе биде научно-фантастичната Game of Thrones. На кастингот исто. Можеби Ентони Хопкинс, Џејмс Марсден и Џефри Рајт се најзвучните имиња покрај Ед Хариз, ама повеќето ги знаеш од некаде претходно. Елементите што ја градат Westworld се доволно квалитетни да ме задржат барем до крај на сезонава, па за понатаму ќе видиме. И, онака ми фали СФ серија до следната сезона на The Expanse. Има одредени ствари што може да направат да галопира во место или да се одвлечка у курац, па затоа претпазливо со очекувањата.

No comments: