November 7, 2016

Музичка плејлиста за 2016 (трет дел)

Чекај, уште не заврши годинава, а веќе и следната почнува со изданија на кои можам да им го намирисам квалитетот или барем ќе ми бидат забавни за слушање. Bonobo издава албум на почетокот на јануари и европска турнеја некоја недела после тоа, го чекам Eminem да се реши дали најавениот албум ќе биде до Нова година или март следната, а и Chase & Status спремаат ново. До тогаш, има уште многу, многу музика од 2016, што не сум точно сигурен уште колку делови ќе има оваа моја плејлиста. Трететиов дел од има шест изданија од разни жанрови. За претходните два, клик тука и тука.



После месеци сфатив дека албумов го сакам исто како што го сакам Life од Sigma. Не само поради лесниот комерцијален поп звук слепен врз драм ен бејз (нешто што не му успеа на Netsky со новиот албум, фак оф Netsky!), туку и за истите летни емоции. Излезе баш кога почна летово да ми станува убаво и не приметив дека го прави истото што го прават Life, Electric Sun  на Logistics и новиот на Technimatic.

Стварите што некако ми се наталожиле на веселите Oxygen мелодии можеби не се најадекватните за ваков ладен нихилистички ноември, ама никогаш не е рано за носталгичарење. А, зар не е тоа убавината на музиката? Кога цврсто ќе успее да те врзе со нешто и после упорно те навраќа? Океј, ајде да преминам на KoRn пред да загњуриме во Длабокото™. 




Ги сакам KoRn. Пораснав со нивната дискографија. Дури и оној албум од пред некоја година каде што експериментираа со модерен електронски звук ми е океј. Интересно е како никогаш не направија некој огромен отстап од тоа што се. Секако, имаат некоја ситна еволуција после 2005, меѓутоа суштината им остана иста. Еве, и на новиов албум, Џон Дејвис на свои 45 години, си пишува текстови како романтичен анкциозен средношколец и тоа ми е некако сосема прифатливо. Кај KoRn е успешно, за разлика од новиот албум на blink-182, на пример.

Веројатно поголемата публика кон која целат им останува на иста возраст, па твое е да одлучиш дали бендот ќе те следи и кога си старо магаре. The Serenity of Suffering звучи како хибрид од стариот KoRn и тоа што станаа пред десетина години. Веќе се добро уиграни за тоа што го создаваат. Можеби не е нивниот најинтересен материјал, но е сепак доволно солиден за денови на рипит. Имаат и песна со Кори Тејлор.




Ова се Die Antwoord? Вака звучат настрана од тие хитчињата што сите ги знаеме? Да не беше "Banana Brain", никогаш немаше да го пуштам Mount Ninji and da Nice Time Kid. Да, ми биле занимливи, но никогаш доволно привлечни за да преслушам цел албум. Ова е првиот албум и не можам да се начудам на енергијата која ја има бендов и способноста толку прецизно и кохерентно да измеша еден куп различни жанрови.

Сè и сешто има на Mount Ninji и во ниеден момент не звучи досадно, исфорсирано или присутно само колку за да заокружи времетраење. Се надевам дека и остатокот од дискографијата им е вака забавен, ама не можам да го оставам ова за да проверам. Кои лудаци, еј. Ова е убедливо еден од најфраерските албуми што ги слушнав оваа година.

Слушни: "Banana Brain", "Rats Rule (ft. Jack Black)", "Gucci Coochie (ft. Dita Von Teese)" и "Darkling"



Во овој инструментален пост-рок/пост-метал жанр сум турист од скоро. Едвај две-три години. Многу ми е нов жанрот што не се ни осеќам доволно компетентен да зборувам за тоа, ама ми се допаѓа тоа што го слушам. Иако преферирам бендови од жанрот со цели реченици во нивните имиња, ги сакам и Russian Circles. До степен да сум возбуден како младиот металец јас од пред десетина години што ќе ги гледам во живо за некој ден.

Guidance е за нијанса различен од Station и Geneva, другите два албуми што ги имам слушано од бендов, но со истата моќ да создава слики и приказни без линија текст. А, Russian Circles умеат да го прават тоа беспрекорно.

Слушни: "Vorel", "Overboard" и "Afrika"



Ројс е заебан лик. Ко Џои Бедес што е, а некако имам впечаток дека не го добиваат заслуженото внимание на рап сцената. Или сум премногу лажен рапер со вакви впечатоци. Исто како што мислам дека сите луѓе што не се Дре, а се врткаат околу Еминем му дремат во сенката. Ама, со Ројс има еден интересен момент. Има една стара народна, вика "Кога Еминем ти гостува на песна, веќе не е твоја песна". Во случајов, не е на Еминем песната, туку на бендот што го имаат со Ројс, Bad Meets Evil, и e еден од ретките моменти каде што Ројс презентира подобра вештина.

Ројс е одличен како дел од Bad Meets Evil. Но, на Layers е сам, без Еминем и многу полесно може да го потврди тоа што го прави како дел од бендот. Не само што технички е моќен, туку стварите што ги опфаќа на албумот се многу повеќе од курчењто со вордплеј и панчови што двајцата го правеа на тоа Bad Meets Evil издание. 



Уште еден инструментален бенд во листава и тоа прогресивен дет метал инспириран од Skyrim. The Way of the Voice е второто EP на Ophidius на кое налетав сосема случајно и не можам да престанам да го слушам. Ваков тип на метал никогаш не би можел да слушам доколку има вокали. Среќа, Ophidius се тивки по тоа прашање, освен таму каде што користат семплови од играта кои можеби не се ни семплови, туку оргинални снимки. Не сум најсигурен за ова, а сум премногу мрзлив за да истражам.

Јако е колку добро ја пренесуваат атмосферата од Skyrim. Ладно, сурово и со по некоја нишка меланхолија колку да го размрда мракот. ЕP-во функционира на секој можен начин и ми е едно од најдобрите метал изданија во овие години откако се простив со активно учество и следење на жанрот. Не знам каков план има бендов за во иднина, се надевам ќе продолжи да "адаптира" игри. Супер промена е во жанр што често знае да се занимава ексклузивно со Толкин.

1 comment:

AgatoN said...

Dobra lista, inace post-rokot e interesna rabota bi rekol i malce underrated genre e ali doprva ke dobiva popularnost. Na listava fali use 1 genre koj e pretezno staro-nov, Synthwave.