January 23, 2017

The Beast from 20,000 Fathoms, предокот на Gojira

Една година пред Јапонците да го ослободат Годзила врз недолжните жители на Токио и да го крунисаат како вечниот "Крал на чудовиштата", американската кинематографија веќе имала свој џиновски ѕвер кој сеел хаос низ улиците на Њујорк. The Beast from 20,000 Fathoms не само што е директен предок и инспирација на Gojira (1954), туку е и филмот одговорен за цел жанр на подводни праисториски монструми разбудени од атомски експлозии. Иако денес можеби маргинализиран од мејнстримот, The Beast from 20,000 Fathoms е дефинитивно еден од најважните филмови во историјата на kaiju жанрот.

Изминативе денови додека чекам Shin Gojira да се појави со пристојна снимка, почнав пак да ги гледам јапонските стари Годзила филмови. Го гледав пак и американскиот римејк од 2014. Ќе се потрудам наскоро да ја обработам таа тема конечно, сега сакам да се фокусирам на тоа колку е добар The Beast from 20,000 Fathoms и колку е глупаво и чудно што сè уште никој не се охрабрил да сними римејк. Можеби ако ми се остварат пророштвата дека овој жанр е следниот голем Холивудски тренд, ќе нè нагостат со модерна верзија. 


Приказната, иако ги има корените на едно јапонско културно наследство, е малку поразлична од неговиот потомок. Барем перспективата од која е раскажана ги прави двата филмови различни. Сепак, точките во кои се допираат, како нуклеарните оружја и суптилната критика за нивното користење, се пристуни за да ги зајакнат нанемерните сличности. Иронично е како Јапонците го прифатиле овој филм и дошле до идеја нивното чудовиште да го симболизира хоророт од Хирошима и Нагасаки. Дури и работниот наслов на Gojira бил The Giant Monster From 20,000 Leages Under The Sea.

The Beast from 20,000 Fathoms не е толку сериозен со неговата анти-нуклеарна забелешка, повеќе се потпира на чиста забава со нерасонет диносаурус што одлепува во урбана средина. И, одличен е како таков. Веројатно повеќе по тие стандарди од 50-ти, ама се држи и денес, кога сме разгалени скапи и убави дигитални ефекти. Тогашната публика збеснала. Критикала велела дека филмот направил Кинг Конг да изгледа како обично шимпанзо. Со минимален буџет од 210,000 долари, за кратко време успеал да заработи цели пет милиони. 

Стоп-моушнот со кој е оживеан Редосаурусот, е дело на легендарниот Реј Херихаузен, тогаш најзвучното име во индустријата за специјални ефекти. Кога на некој ќе му притребало стоп-моушн анимација, ѕвонел кај Херихаузен. Лукас, Спилберг, Бартон, Питер Џексон и еден куп други, го наведуваат како инспирација за тоа што тие го создавале. Можеби денес не толку, но на тогашната публика, тоа што го правел Херихаузен со минијатури и кукли им било најдоброто нешто што го виделе во кино. Оттаму и успехот на филмот, нели. 

Баш размислував како е возможно Годзила да го изеде овој филм, па дури и да се наметне себе и кај американската публика некоја година подоцна. И ми текна, зошто е едноставно. Годзила. Годзила има име, идентитет и мит зад себе. Има нешто што го прави препознатлив. Не е само фиктивен вид на диносаурус. Во Gojira, селани му принесуваат жртви, долго пред научниците да дознаат за неговото постоење. Гради толку многу работи одеднаш, што не е чудо како останатите џиновски монструми му треперат од сенката. 

Сериозно сакам жанров да стане мејнстрим. Сакам сите тие чудовишта од 50-ти да се вратат денес и да ги исклоцаат Авенџерс надвор од кино. Можам да ги ценам сите вакви стари филмови поради шармантните идеи и практичните специјални ефекти, меѓутоа ми треба нешто ново за денешни стандарди. Нешто како Pacific Rim. Толку сум очаен што веројатно пак ќе го гледам Cloverfield и ќе пробувам да го засакам.

No comments: