July 22, 2017

Бидување Бетмен во Arkham VR

Од она прво ставање на HTC Vive хедсетот врз мојата симпатична глава, потрошив уште многу денови кај Наум на различни VR игри. Секогаш кога имав идеја за постови што ќе носеа наслов "Вајвање Рилоудед" и "Вајвање Револушнс" сфаќав дека сите невешти The Matrix референци ми се веќе истрошени на оргиналниот пост, а и без тоа имам сериозни потешкотии искуствата од виртуелна реалност да ги артикулирам како текст. Но, краткото бидување Бетмен во Batman: Arkham VR ме испровоцира да се обидам уште еднаш. 

Играта е базирана на Arkham серијалот (очигледно), но трае значително многу пократко и секако гејмплејот е претежно базиран на детективските вештини на Бетмен, зошто никој не би сакал да скрши мебел или да оштети другар што се наоѓа во непосредна близина додека се тепа со виртуелни непријатели. Секако, не верувам дека баш ова е причината за механиката, меѓутоа играта функционира и вака, океј?


Првото нешто што го гледаш откако ќе извртат логоата на компаниите инволвирани во Batman: Arkham VR е дождливиот гнасен Готам. Стоиш на кровот од полициската станица каде што позади тебе се наоѓа огромниот бет-сигнал. И, зошто уште не можам да се изначудам колку е добра технологијава, не ни сконтав дека се наоѓам во почетното мени и дека играта воопшто не е ни почната.  Имерзијата е толку добра што сосема е во ред ако се поматкаш дваесетина минути на ебан кров. Барем додека не те прекине гласот на Наум кој како Оракл, ти дава инструкции како да го користиш менито за конечно да почнеш да играш. Ми донесе и сокче дури. Вистински Алфред. О, не со ова, Бобо...

Batman: Arkham VR почнува во она сокаче каде што од перспектива на млад Брус Вејн беспомошно гледаш како ти ги убиваат родителите. Зарем можеш да направиш ваква Бетмен игра и да го прескокнеш овој трауматски дел? Додека си уште збунет од тоа колку реално Марта и Томас се струполиле на земја до тебе, играта те сели во "денешно време" каде што Алфред ти сугерира да упатиш во бет-пештерата зошто си Бетмен и имаш типичен бет-бизнис.


Пештерата изгледа прилично огромно, иако во реалноста движењето ти е ограничено на неколку квадратни метри зошто играта користи нешто како варијанта на room-scale. Низ самата пештера, а и низ Готам, се движиш со телепортирање што сосема ми одговара зошто уште не можам слободно да се движам низ игриве без да се исповратам на тепих. Првата задача што ја добиваш и да го облечеш костимот и да научиш како се користат неколку бет-алатки како кука, скенер, бет-ранг... Достапна ти е технологијата од пештерата, па за да добиеш информации за мисиите го користиш бет-компјутерот. 

Но, најимпресивно е самото облекување на костимот каде што се гледаш во огледало и трекингот е толку добар што секое твое движење е сега рефлектирано како Бетмен. Да, тотално потрошив неколку минути гледајќи се себе како Бетмен во огледалото. Последен пат тоа го направив во трето одделение пред маскенбал. Откако ќе ја напуштиш пештерата, заминуваш да откриеш што точно се случило со несреќниот Најтвинг. Тука некаде ќе привршам со деталите поради спојлери, а и поради тоа што кратко после ова прекинав да играм за да ми остане малку Бетмен и за друг ден.  

Batman: Arkham VR е добар поглед кон иднината на гејмингот во виртуелна реалност. Изгледа совршено и од технички и од визуелен аспект. Иако технологијата е релативно нова, среќен сум што и големиве компании веќе почнаа да ги туркаат своите продукти на пазарот кој моментално го доминираат експериментални независни игри. Темпото на развој е уште некако споро, но сигурен сум дека веќе следната година ќе има многу повеќе ААА наслови. Веќе се најавени Fallout VR, Skyrim VR и Doom VR, па би требало ситуацијата да биде многу позабавна. Потенцијалот е сериозно голем.

Види такоѓе:

No comments: