January 24, 2018

Викторијанскиот Бетмен

Бетмен е од оние ликови кои не ги ограничува околината во која се сместени, барем не целосно. Не е Ајрон Мен па да му требаат батерии за да работи. Бетмен како идеја може да функционира речиси во секаков временски период, без разлика дали е далечна иднина или праистриската епоха. Сме го виделе и на едното и на другото место. Брус Вејн секогаш наоѓал начин соодветно да си бетменува и не секогаш му биле потребни неограничени финансиски ресурси за да биде ефикасен. До крајот на оваа година ќе го видиме и во феудална Јапонија.

Пред околу триестина години, објавен e стрипот Gotham by Gaslight, каде што Брајан Агастин и Мајк Мигнола го носат Бетмен во викторијанско опкружување и шармантна приказна која го соочува со легендарниот мистериозен сериски убиец Џек Мевосек. Стрипот го имам читано многу, многу одамна за да би го памтел, па би сакал да ги прескокнам споредбите со анимираниот филм кој конечно ја адаптираше приказната и деновиве е веќе достапен за гледање.


Од она што памтам, Batman: Gotham by Gaslight филмот малку се двои од изворната elseworlds приказна, која патем е и првата со која DC Comics одлучуваат етикетирано да ги раздвојат настаните кои не се дел од нивниот главен континуитет. Самото тоа што адаптацијата не е панел по панел, овозможува простор за креативни манипулации, за среќа, овде успешно изведени. Пред сè, идентитетот на Џек Мевосек во филмот е различен од тој во стрипот, со што целата мистерија е превртена наопаку и те насочува да погодуваш до самиот крај.

Но, главната идеја е таа истата. Се случува низа убиства на проститутки низ Готам за кои одговорноста ја превзема Џек Мевосек. Сега градот, покрај "манијакот" што се облекува како џиновски лилјак, има уште една работа поради која во страв се движи низ улиците. Бетмен е затекнат со случај што не успева да го реши со првиот обид, а и со негативец кој конечно го предизвикува нивото на неговата вештина. За да постои уште една комплицирана препрека нели, за грозоморните убиства ќе биде обвинет и самиот Брус Вејн.

Иако просторот за освежување на митологијата е огромен, Gotham by Gaslight не отстапува премногу од удобната територија. Пак е на крајот класична детективска noir приказна за Бетмен што скока по кровови на мрачен град, само сега оперира со ресурси и опрема прикладна на периодот во кој живее. Референците кон главниот DC универзум се секако присутни, па кога ќе се појави група сирачиња кои се всушност Робините, нема да си посебно изненаден. Е, сега можеби нема Бетмобил, ама цепа некаков мотор низ тоа маглите.

Стилски, Gotham by Gaslight изгледа фино и покрај тоа што анимацијата на моменти открива дека не бил издвоен некој претерано голем буџет. Но, очгиледно не штеделе на музиката, која за разлика од претходните анимирани Бетмен филмови, овде е приметлива и одлично ја крепи целата атмосфера. Брус Гринвуд е супер како Бетмен, иако последниве години отсуството на Кевин Конрој успеа да ме навикне на Џејсон О'Мара. Реално, само гласовите на Бетмен и Џокер ми прават разлика во мноштвото анимирани филмови на DC, за другите актери немам преференца, а во случајот на Gotham by Gaslight, ни замерки.

Треба да го поминам стрипот за да си го освежам сеќавањето. Филмот е крајно забавен, па верувам дека и стрипот пак би го доживеал исто. Дури и сум пишувал на темата пред скоро една деценија, бледо го памтев и тоа. Краткиот осврт уште живее на The Wayne Manor бет-блогот што тогаш го уредуваа неколку другари, па еве линк тука.

Види такоѓе:

No comments: