February 13, 2018

Подводно вајвање

Не сум толку авантурист за да ставам опрема за нуркање на мене и да влезам некаде каде што главата нема да ми биде над водна површина и истовремено со нозете да не можам да го допирам дното. Среќа, технологијата напредна и за тие што мислат дека пераи се носат и на снег, па така што скоро безболно можев да видам дел од длабочините на океанот преку theBlu за HTC Vive. theBlu не е баш игра, туку интерактивна збирка од неколку подводни искуства кои откако ќе те опуштат, ќе те натераат панично да вриштиш.

Ова е еден од најдобрите примери за тоа колку лесно и брзо виртуелната реалност успева да ти ја замени традиционалната. Во моментот кога ќе го ставиш хедсетот на глава веќе си длабоко во океанот, пробуваш да допреш риби и се чудиш колку си далеку од површината. Па, сфаќаш дека имаш и нова фобија од одредена морска флора и фауна. Некои од овие гомна се одговорни за смртта на Стив Ирвин. Додека се движиш наоколу, со ногата случајно закачуваш фотелја која е во вистинската соба, а се наоѓа на исто место со коралот што го гледаш моментално во theBlu, и тогаш ти е јасно дека тоа мокрото што го осеќаш не може да биде вода.


Јатото медузи што подоцна поминува низ тебе малку ќе те релаксира, ама не доволно за да бидеш спремен за блиската средба со син кит. Тој дел од theBlu е најкраток од сите, готово е додека речеш 'Херман Мелвил', ама е неверојатно импресивен. Почнува на палуба од стар потонат брод, по која можеш малку и да се прошеташ додека се појави китот. Не се плашам од џиновски виртуелни риби очигледно, па зборовите што возбудено ги урлав додека китот поминуваше покрај бродот, веројатно низ зградата одекнуваа само како бучен геј секс. Со китот немаш никаква физичка интеракција, ама пред да отплива ќе те погледне директно во очи и ќе замавне со опашката за никогаш да не го заборавиш.

Третиот дел од theBlu е најинтензивен. Те става во најдлабокиот и најтемен дел од океанот каде што еден од контролерите ти е батериска ламба со која сфаќаш дека всушност си во скелет од кит. Доколку не си доволно напнат од клаустрофобичната околина, почекај неколку одвратни ракови и риби да почнат да шетаат околу тебе. Нешто што наводно треба да те едуцира и понуди парче од светов преку виртуелна реалност, тука почнува да се граничи со тензична 'survival horror' игра. Дури кога светлечките подводни суштества ќе дојдат да ти го растераат мракот, пак си оставен со гадно и непријатно чувство.

Сепак, неспоредливо е со вртоглавицата што ја предизвикува VR верзијата на Alien: Isolation. Наум ме предупреди дека моменталното човечко тело не ми е спремно за таква вештачка локомоција каква што користи играта, во што се уверив кога после две минути на Севастопол морав да го тргнам хедсетот од мене за да не мора да купува нов тепих или да објаснува на надлежните како сум престанал да дишам. Супер е таа игра во виртуелна реалност, ама исто како и Arkham VR си бара време за да се научиш како да се движиш без да се осеќаш како да си испил литро рум на гладно.

Интерактивните искуства како theBlu се одличен пример за тоа колку добро напредува технологијата за виртуелна реалност без притоа да цели кон гејмерската публика. Веќе има слични симулации кои би можеле да те натопорат на било кое место каде што немаш прилика да стапнеш. Можеш да се маткаш и низ Меѓународната вселенска станица. Се надевам дека годинава овој хардвер ќе стане уште подостапен, зашто можностите очигледно не сопираат.

No comments: