October 6, 2015

Рики Морти

Првата сезона Rick and Morty донесе свежина на анимираната телевизија. Не само во листата на серии што јас ги следам, туку влијанието беше глобално. Пристигнаа во вистински момент, на чист терен. МекФарлејн е неподносливо досаден со години, од Futurama беа останати само сеќавања од далечно среќно постоење, а South Park уште се тетравеа пред една од најдобрите сезони. Archer не го ни загреа тазе седнатиот трон, кога почна да се случува оваа интергалактичка, мултидимензионална психоделична хистерија на Рик и Морти. Втората сезона насилно го јавна моќниот бран што го создадоа претходната. Без милост и морал. 


Чекаш нова епизода да видиш дали воопшто постојат има граници. Концептот е таков што сомнежите ти се смешни, зошто е невозможно да замислиш каде ќе отиде нешто за кое апсолутно не постојат никакви креативни бариери. Слободата е едноставно преголема за да би можел да си ја наштелуваш перцепцијата. Затоа и успеаа да создадат такво култно обожување со неколку саати материјал. 

Еве, пробував да споредам со некои од тие што ги спомнав погоре, со исклучок на Futurama нели, зошто жанрот и концептот се пак поопширни. Стварите што функционираат во Rick and Morty ќе функционираат само тука и никаде на друго место. Стјуи може има временска машина за да оди во нацистичка Германија, но пак, правилата на тој универзум можеш да ги скршиш многу малку пати пред да станат нови. Тука од самиот почеток има само еден нацрт план. Рик. Рик и бесконечните ресурси што ги црпи од сопствената генијалост, она што е надвор од Земјата и време-просторот. Морти е често само колатералната штета, искористен за мрачни планови продадени нему како возбудливи авантури, но и елемент без кој Рик веројатно не би можел да функционира. Не мислам дека е дефинитивното себично копиле што универзумот некогаш го има испрдено, туку дека има барем малку, малку осет за Морти. Симпатичната наивност на Морти би го омекнала дури и Рик. 

Ако финалето сакаше да го посочи ова, успеа. Сме го виделе Рик и претходно да е помек, меѓутоа ова беше најголемата жртва што ја направил за семејството откако почна да им го пркоси животот со ситуации кои не биле баш дел од нивното секојдневно (дис)функционирање. Убавината на серијата е што упорно можеш да ја гледаш без да ти здосади. Без разлика дали си пропуштил или не, има некои ствари што мораш повеќе пати да ги видиш за да поверуваш во нив. Едвај чекам да видам што ќе спремат Ден Хармон и Џастин Ројланд за следната година.

No comments: