October 5, 2015

Пост-Endgame Бетмен пост

Ах, таман кренав раце од редовниот Batman серијал и мислев дека ќе можам да уживам во Batman Annual #4 без да дојдам во контакт со било каков џиновски метален зајаколилјак. Не. Глупостите на DC секаде имаат пуштено пипци. Не знам ни што очекував, додуша. Морав да се вратам назад и да ги прочитам Batman #41-#44 за да си ги поврзам нејасните точки. Ми се отвори замрсена приказна на која да, можеби и можеш да го фатиш крајот, но никако и средината. Да, интересен е Готам без Брус Вејн како Бетмен, проблемот е во прифаќањето на замената што ја нудат. Дури и Скот Снајдер изгледа како да е свесен за тоа, меѓутоа ако се заебаваш на сметка на одредена глупост, нема да стане повеќе од тоа. Не е тоа начин да оправдаш нешто. 

"Ова се тешки срања, DC."

Значи, откако пештерата ќе ги затрупа Бетмен и Џокер на крајот од Endgame, Брус Вејн доживува клиничка смрт, а по тоа и амнезија која го лишува од сето она што го прави Бетмен. Почнува да живее нормален живот, онаков каков што би живеел без смртта на Вејнови. Има девојка, учествува поактивно во добротворни цели, а не само финансиски и не се сеќава дека некогаш бил симболот на Готам. Гневот и болката што се дел од Бетмен, како да исчезнале. Алфред, гледајќи го Брус среќен, го изостава баш овој "детал" во склопувањето на сеќавањата, за да го спаси од сам себе, нели. Ништо не може да го разубеди Алфред, дури ни Кларк Кент. 

Во меѓувреме, во Готам е хаос без Бетмен. Полицијата решава да го "брендира", и по низа тестирање на млади кандидати, го става Џим Гордон во огромен метален оклоп со зајачки уши кој би требало да биде Бетмен. Има тука некои интересни моменти и Снајдер супер ги третира, меѓутоа во моментот кога се појавуваат нови негативци кои би можеле да се "решат" само во ваков Бетмен, сфаќаш каде почнува да пука приказната. Не верувам дека ова е единствениот начин за да се истера ваквиот правец. Не знам ни како поинаку, но тие што се платени за да знаат, некако потфрлаат. Светлината во целата приказна доаѓа со Batman #44 на Брајан Азарело каде што со Снајдер обработуваат период на Бетмен (Брус Вејн) пред Zero Year кој се врзува со настаните денес. Убава детективска приказна кој можеби уште подобро би функционирала без крајот кој те потсетува што во моментот се случува, но ете, единственото што навистина вреди да се прочита од актуелниот серијал е баш ова. 

А, Batman Annual #4,  и покрај "воведот" што си го пружив отпосле, пак ме остави рамнодушен. Отишле толку назад што врзувале некои моменти од Batman Eternal и други наслови кои можеби ќе ги дочитав да не станеа толку досадни и напорни. Ова за жал е најслабиот Бетмен период откако почна 52 универзумот. Не знам DC колку длабоко планираат да го тонат најдобриот лик што им е на располагање, но редно време е после ова да превземе некој друг. Време е Снајдер да се префрли на нешто друго, да одмори и да се инспирира малку повеќе. Ова веќе станува жалосно за читање.

No comments: