December 23, 2015

Иднината на Stаr Wаrs по Тhе Force Аwаkеns

Ако мислеше дека Џорџ Лукас се однесува како незгоден макро кон Star Wars франшизата, размисли пак. Дизни е многу позаебана машинерија која секако не го откупи чедото на Лукас за да дреме на некоја полица, не. Погледни што се случува со адаптациите на Марвел и како полека се осеќа задушувањето од шарените суперхерои. Ова ми беше најголемиот страв за правецот во кој би можеле да се движат работите, за среќа првиот чекор се покажа успешен, но од компанија која пред месец дена извади ново продолжение на The Lion King, можеш да очекуваш молзење до последната капка... Сила. Супер е тоа што разврската на клифхенгерот од The Force Awakens ќе дојде многу поскоро отколку оној во The Empire Strikes Back (замисли во време без интернет како чекале тогаш), празнината ќе биде пополнета со филмови надвор од "главната" трилогија, но која е границата на толеранција? Колку време ќе пројде пред магијата да се претвори во досадна рутина? Можни се спојлери подолу.


Rogue One: A Star Wars Story (декември, 2016)

Нацртот за првиот Death Star во A New Hope не паѓа од небо во рацете на Бунтовниците. При првата добиена битка на Бунтовниците против Империјата, групи шпиони успеваат да го обезбедат нацртот кој им помага да триумфираат и во Битката за Јавин. Првиот спин-оф филм, Rogue One, ќе биде фокусиран токму на оваа мала банда и таа мисија. Приказната ќе биде сместена измеѓу Revenge of the Sith и A New Hope, па гласините дека тука ќе се појави Вејдер некако имаат смисла, а некои од нив одат до таму и кажуваат дека факинг Хајден Кристенсен ќе влезе пак во црниот костим. Повеќе ќе ме радуваат ликови од Star Wars Rebels отколку Хајден Кристенсен, но ако тоа е цената за да го видам пак Вејдер, можеби и ќе стиснам заби. На крајот, битен е гласот на Џејмс Ерл Џонс, а не кој е позади маската, зошто и онака не верувам дека ако воопшто го има ќе биде без неа во било кој момент. Филмот, наводно воен, ќе го режира Гарт Едвардс, типот кој е потпишан на ланскиот Godzilla. Очекувам трејлер за некој месец.

Star Wars: Episode VIII (мај, 2017)

Е, тука е главниот предизвик за Мики Маус. Видовме кои ствари функционираа за Џ.Џ. Абрамс, дали има линија помеѓу омаж и рекреирање на оргиналната трилогија и еден куп прашања за кои е потребен одговор. Ме интересира дали повторно ќе следи некаков проверен шаблон или конечно ќе порасне мадиња за да отстапи и понуди нешто сосема свежо. Според она што го видов во The Force Awakens, некако сум скептичен, но сепак го спуштам гардот за секакви изненадувања. Сакам да видам Knights of Ren, верувам дека она што малку го понуди The Force Awakens од нив беше визија за иднина која ќе се случува тука. Удрете нè јако со Темната Страна тука, благодарам!

Филм за млад Хан Соло (некаде во 2018)

Лукас во приквел трилогијата безобразно се помоча на секој лик што го содаде во оргиналната, освен на Хан Соло. Соло остана недопрен и во The Clone Wars, и речиси на секое друго место врз кое Лукас имаше целосна контрола. Тоа е таа почит кон ликот и самиот Харисон Форд што дури и Лукас можеше да ја разбере. Во моментот кога ја продаде франшизата на Дизни, видовме што се случи. Ова е најзагрижувачкиот чекор на Дизни зошто не гледам како би можело да функционира. Имаш лик што е базиран на актер. Пола од тоа што е Хан Соло е харизмата и шармот на Харисон Форд, а тоа е тешко повторливо. Не е лик од книга и стрип што можеш поинаку да го интерпретираш со некоја друга фаца. Касан и син му го пишуваат сценариото, можеби тоа е и најдобрата идеја во оваа крајно глупава одлука, но додека не видам кастинг ќе се воздржам од сите пцовки. Кастингот е моментално во тек, веќе се пројдени илјадници млади актери.

Star Wars: Episode IX (некаде во 2019)

Ова е крајот на новата трилогија и деталите се чуваат во најстрога тајност. Освен тоа дека Колин Треворо (Jurassic World) ќе биде режисерот, другото останува непознато во следниве три години. Немам апсолутно никаква престава за тоа што може да се очекува, ќе мора прво да го гледаме Episode VIII.

Уште еден спин-оф (веројатно 2020)

На почетокот на оваа година се појавија гласини за Боба Фет филм за кои пишував тогаш. Во таа фаза на продукција, или само гласини, се зборуваше за млади Хан Соло и Боба Фет и уште ми изгледа како ужасна идеја. Сепак, ако морам да бирам повеќе би гледал Боба Фет филм сместен после Return of the Jedi, отколку млад Јода. Доколку се доволно храбри, ќе оддадат почит кон Старата Република, но сè некако ме тера да мислам дека ако тоа добие некаков третман, би бил во форма на нова трилогија. Не верувам дека Дизни ќе сопрат по 2020, ама некако не можам да замислам трилогија која би започнала со Star Wars X. Доволно е занимлив тој период со Старата Република што мислам дека би имал снага да издржи сопствени три филмови. Најсреќен би бил со The Force Unleashed филм, ама кој ме прашува мене...

No comments: